Некои од маркетите водат политичка борба против политичка Влада, вели Мицкоски


Премиерот Христијан Мицкоски денеска обвини „некои од маркетите“ дека водат политичка борба против политичка влада, како нивна реакција на одлуката за ограниќување на маржите и замрзнување на цените на дел од производите. Тој исто така, вели дека доколку има подобар предлог за заштита на стандардот на граѓаните, тоа како Влада веднаш би го прифатиле, но додаде дека до сега предлозите кои што стигнувале од трговците биле „дифузни“.

„Прво Владата донесе одлука. Дали таа некому му се допаѓа или не му се допаѓа, таа одлука е резултат на сите оние разговори, скрининзи на терен, сето она кое што го добивме како инпут во равенката и врз основа на тоа донесовме одлука. Таа одлука треба да се почитува и применува“, рече премиерот Мицкоски на прес конференција во Владата, одговарајќи на прашање на новинарите за примена на владината одлука за цените основните производи во маркетите, како и за реакциите од новоформираната Комора на трговците на мало, кои бараат средба со Владата и со надлежните, на која тие  ќе ги посочат нивните аргументи.

Новинарското прашање се однесуваше дали ќе има средба со комората и дали може да се сменат сегашните одлуки за ограниќување на маржата и на цените, на нивно барање. Исто така, што очекува од Законот за нефер трговски практики, кој всушност требаше да стави ред со цените и дали ќе почне конечно да функционира како што треба за да овозможи намалување на цените без да се носат вакви мерки од Владата.

„Со жалење можам да констатирам дека некои од ланците за жал, одлучуваат да водат политичка борба против политичка влада“, рече Мицкоски одговарајќи на прашањето, додавајќи дека мора да констатира дека тоа не е добро.

„Но, тоа е нивен избор, јас тоа не можам ниту да го оправдам ниту пак да го осудам, ова е демократска држава, право на говор, секој има право на слобода на говор, секој кој што мисли дека треба да води легитимна борба, нека си се бори“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека доколку било кој има подобар предлог со кој што може да се подобри стандардот на граѓаните, подготвен е да разговара во секое време.

„Но, би сакал тој предлог да е концентриран, затоа што минатата средба, мора да заклучам, беше некако дифузна, од различни претставници на правни лица добивавме различни предлози“, рече Мицкоски, кој ја повика комората на трговците „да се состане, да донесе еден предлог, кој потоа би бил разгледан.

„Да знаеме на која платформа понатаму можеме да разговараме, и доколку таа е подобра, односно во насока на подобрување на стандардот на граѓаните, апсолутно дека ќе одржиме и вонредна седница на Влада и ќе го прифатиме. Не сме ние ниту најпаметните, ниту пак, највештите во целата работа, но врз основа на тоа што до сега го имаме како инпут, донесовме таква одлука“, рече премиерот Мицкоски, посочувајќи дека надлежните институции, како Пазарниот инспекторат и Комисијата за заштита на конкуренцијата ќе продолжат со контролите, ќе бидат присутни на терен и сето тоа ќе го гледаат и ќе го анализраат.