„Не знам во кој филм е премиерот“: Професорот Гордан Калајџиев за европскиот извештај за владеење на правото
По остриот извештај на Европската комисија за владеењето на правото во Македонија премиерот Христијан Мицкоски рече дека тој бил најдобар документ досега и нагласи: „Ќе продолжам со критики за правосудството, пари нема да добијат“.
Универзитетскиот професор Гордан Калајџиев на ова реагира со зборовите: „Не знам во кој филм живее премиерот“.
Во изјава за порталот „Локално“ Калајџиев додава: „Вакво ниво на комуникација и однос кон судската власт и јавното обвинителство е непримерно за една европска држава“. Според него, владеењето на правото бара независни и компетентни институции на правдата.
„Целата ситуација зборува лошо за нашата општа и правна култура. Не може власта врз правната држава да гледа пазарџиски и од аспект на дневно-политичките интереси. Брука“, потенцира професорот.
Калајџиев истакнува дека создавањето услови за непречено функционирање на судовите и обвинителството е императив за извршната власт.
„Не знам од каде овие султански манири на премиерот кон правните институции. Состојбите во правосудството се критични веќе подолго време. Тешко дека некој може да го измери тоа прецизно од година во година. Битно е дека Европа јасно ни става до знаење дека нешто мора да се промени. Јас сум убеден дека доколку власта покаже доблест да ги тргне рацете од овој сектор, работите веднаш ќе тргнат на подобро. Лесна задача. Кој може да разбере“, посочува Калајџиев.
Извештајот покажува и дополнително опаѓање на довербата во судството. Во 2026 година само 21 отсто од граѓаните и 19 отсто од компаниите сметаат дека независноста на судовите и судиите е добра или многу добра, додека една година претходно тие проценти изнесувале 28, односно 26.