„Не ве каниме на дебата, туку на лет“ – Духовит повик од аероклуб од Битола до кандидатите за градоначалници


Во пресрет на локалните избори, аероклуб „Мирко Тодоровски“ од Битола на социјалните мрежи објави духовит, но суштински повик до сите кандидати за градоначалници и советници, да не зборуваат само за височини, туку и да ги почувствуваат.

„Повик до сите кандидати за градоначалници и советници: аероклуб „Мирко Тодоровски“ ве кани – не на дебата, туку на лет. Да видиме кој има визија од една друга повисока перспектива”, пишува на социјалните медиуми на клубот. „100 години летаме над Битола и подалеку, ама сè уште чекаме некој да нè стави во програмата, не како проблем, туку како гордост на градот“.

„Во сабота ќе славиме еден век љубов кон небото. А за следниот век, би сакале сите што ветуваат ‘нови височини’ барем еднаш да погледнат нагоре“, истакнуваат во пораката.

Аероклубот „Мирко Тодоровски“, на 11 октомври, на спортскиот аеродром крај Логоварди, Битолско, ќе прослави еден век летачка традиција и ќе им оддаде почит на храбрите ентузијасти што ја иницираа авијацијата во Битола. Од аероклубот, основан во 1930/1931 година, произлегоа генерации пилоти, моделари и визионери.

„Овој јубилеј не е само потсетник на славното минато туку и ветување за иднината: нови летови, нови авантури и нови генерации што ќе продолжат да ја градат авијацијата во Битола“, велат организаторите на прославата.

Програмата ќе започне во 11 часот, со свечена академија, доделување признанија на заслужни членови и со премиера на видеозаписот „100 години аероклуб“. Денот ќе биде исполнет со летови на авиомоделарите, музички настапи и со гастрономска понуда.

– Практично, на 11 октомври, градот ќе го преселиме од Широк сокак на саботно корзо на спортскиот аеродром, а влезот ќе биде слободен – велат организаторите.