Не се само камионџиите. Квотите на ЕУ се закана за македонските производители на челик


Покрај новиот систем за влез и излез во ЕУ и во земјите на Шенген зоната, ЕЕС, чии последици најмногу ќе ги почувствуваат камионџиите, врз македонската економија се надвиснуваат уште два големи предизвици – едниот се сертификатите за емисиите на јаглероден диоксид, што веќе се применуваат, а другиот, веројатно и најголем со оглед на учествот во домашниот бруто производ (БДП) се најавените квотии за увоз на челик во Европската унија.

„Имаме уште два проблеми кои што ќе дојдат. Првиот е поврзан со карбон сертификатите, со електричната енергија, а вториот е поврзан со квотите за извоз на челик и останати производи“, изјави денес од собраниската говорница вицепремиерот и министер за градежништво и транспорт Александар Николоски.

„Не може регионот на Западен Балкан да се третира како трети земји. Не може ние за извоз на челик да сме во иста квота со Кина“, рече Николоски.

Тој посочи дека квотите кои што ќе ги постави ЕУ на кои што многу сериозно работат, веројатно од Кина и од Индија ќе бидат исполнувани во првите два месеци во годината.

„После тоа ќе има 50 отсто царина и тоа значи дека нема да има увоз на челик во ЕУ и тоа значи дека челичната индустрија во земјава ќе колабира. Фени веќе се затвори, а со вакви политики, може да претпоставиме што ќе се случува со скопска железара, со ИГМ Кавадарци или со Дојран Стил и со други големи производители“, рече Николоски.

Според него ова се сериозни теми за кои што вреди да се дискутира во Собранието. Политиките на ЕУ тој ги нарече „праволиниски“. Притоа, се осврна и на „таканаречените фронтранери“, односно земјите од регионот кои што се дклабоко навлезени во процесот на евроинтеграцијата, и за кои се претпоставува дека ќе се приклучат во ЕУ до 2030 година.

Николоски иронично забележа деак тие не се поповолна позиција затоа што, како што рече, теориски и да има во 2030 година проширување, треба овие пет години сите како регион да ги преживееме.

„А, со вакви политики (на ЕУ, заб.) не знам како ќе ги преживееме, а ако не ги преживееме економски тогаш во 2030 година ќе речат слаба ви е економијата, не може да ве примиме. Не е ова евроскептицизам, сакам реално да го претставам за јавноста да има претстава дека имаме многу сериозни предизвици како регион кои што силно ќе удрат врз економијата“, рече Николоски.