Не разболувајте се во Грција: Туристи премногу, лекари премалку

Неколку луѓе починаа чекајќи брза помош, вклучително и бремена жена и нејзиното неродено дете


 

АТИНА – Идиличните острови во Грција се преполни со туристи, но нивниот медицински систем пука. Смртта на бремена тинејџерка и нејзиното неродено дете се само две од најмалку девет смртни случаи кои веројатно можеа да се спречат во Грција ова лето да не е хроничниот недостиг на персонал за брза помош и здравствена заштита, дури и пред земјата да биде под опсада од шумските пожари што беснеат.

Некои островски болници немаат постојани општи лекари, потпирајќи се целосно на  краткорочно ротирање со персонал од копното, привлечен од парични стимулации. Итната помош е во уште полоша состојба. На многу острови на Кикладите и Додеканезите, едвај една брза помош е достапна 24 часа на ден. Овој проблем не е својствен само за островите: Во Атина работат околу 50 амбулантни возила, наместо 85 до 90 колку што се потребни.

„Треба да ја редизајнираме службата за брза помош од нула бидејќи има огромни празнини низ целата земја“, изјави за „Политико“ Јоргос Матиопулос, претседател на грчката служба за брза помош (ЕКАВ).

Огромното мнозинство на здравствени центри на малите острови во Егејското Море се борат да се справат, бидејќи ограничениот број лекари мора да бидат на повик секој ден. Но, дури и таму каде што државата одлучува да вработи повеќе, обидите не успеваат затоа што персоналот одбива да се пресели на островите, каде што трошоците за живот станаа неподносливи поради порастот на туризмот. Тоа повеќе го оптоварува ЕКАВ.

„Испративме неколку спасувачи (здравствена заштита) од остатокот од земјата на островите за да ги покриеме потребите на сезоната“, рече Матиопулос. „Нашите колеги се принудени да ги намалат летните одмори поради ова, но тие очигледно се само импровизирани решенија“.

Во јуни, 63-годишна жена на островот Кос почина во задниот дел на пикап камион, додека била префрлана во локалната болница откако колабирала, а единствената брза помош на островот била зафатена, реагирајќи на друг итен случај. А, на овој остров потребни се 11 лица да управуваат со брза помош 24/7. Кос, остров со 40.000 постојани жители, кој е домаќин на повеќе од еден милион туристи во текот на летото, има три нови амбулантни возила, но користи само со едно, бидејќи има само 10 болничари, од кои двајца ќе се пензионираат следната година.

Неколку дена по овој инцидент, 19-годишна жена, бремена во осми месец, почина во атинско предградие додека чекала повеќе од пет часа за брза помош и упатила околу 20 повици до спасувачите. Почина и нејзиното неродено дете. Оттогаш, откриени се уште најмалку шест случаи на луѓе кои починале низ целата земја поради недостаток на медицински превоз. На островот Лезбос 78-годишна жена изгубила свест додека пливала. Болничарите пристигнале два часа подоцна на местото на настанот, но откриле дека нејзиното срце застанало.

Одговарајќи на зголемените критики по овие смртни случаи кои веројатно можеле да се спречат, владата распореди пожарникари, воен персонал и возачи на локалната власт за да помогнат во недостигот на персонал во туристичките области. ЕКАВ и лекарите протестираат против одлуката нарекувајќи ја „ненаучна потрага по брзи решенија“. Тие тврдат дека распоредувањето на необучен персонал во итни ситуации може да се покаже како опасно за пациентите на кои им е потребен третман на местото на инцидентот.

Грчкиот парламент го усвои амандманот за итно распоредување на пожарникари и воен персонал на 27 јули, додека пожарникарите се борат со силните шумски пожари што горат низ Грција, кои дури се проширија и во воен магацин.

„Дали ова е Грција на реформистот [премиерот Киријакос] Мицотакис?“- изјави шефот на пратеничката група на најголемата опозициска партија Сириза, Сократис Фамелос. „Дали е ова Грција 2.0? Позајмување пожарникари, војници и друг персонал, сместување во ЕКАВ кој нема спасувачи и возачи? Дали е ова модернизација?“

Од владата велат дека овој потег нема за цел да обезбеди долгорочно решение на проблемот со недоволно кадар, туку да спаси животи во напорната туристичка сезона.

Конзервативниот премиер Киријакос Мицотакис беше реизбран на 25 јуни, ветувајќи дека ќе го реформира Националниот здравствен систем како приоритет. Тој вети дека ќе вработи околу 10.000 здравствени работници, вклучувајќи 800 возачи на брза помош и 250 болничари со мотори. Но, Конфедерацијата на вработени во јавните болници вели дека со ова вработување само ги заменува неодамнешните пензионирања и не е доволно за подобрување на квалитетот на негата. Тие велат дека околу 10.000 здравствени работници го напуштиле јавниот сектор во последните две и пол години, а уште 5.000 се очекува да заминат во 2023 година.

Опозициските партии силно ја критикуваат владата дека ги оставила јавните болници во полоша состојба отколку пред пандемијата, тврдејќи дека главната цел е да се приватизираат здравствените услуги – нешто што владата го негира. Но, проблемот е покомплициран од недостатокот на финансии – малку лекари или персонал за брза помош сакаат да работат на островите. Единствените двајца општи лекари во болницата во Кос дадоа отказ во 2021 година. Болницата сега се потпира на привремен персонал додека се обидува да ги замени, но досега никој не се пријавил. Така е и со педијатарот и со радиологот.

Тоа е прашање што мачи многу рурални области во Европа, од оддалечените села во Франција, до северните области на Шведска. Но, колку и да изгледа сонувачки животот на грчките острови за посетителите, овој начин на живот е недостапен за медицинскиот персонал. Островјаните претпочитаат краткорочни изнајмувања на апартмани од туристите наместо постојани – но поевтини – кирии од лекари или медицински сестри.

На крајот на јуни, единствениот кардиолог на болницата во Кос протестираше во дворот на болницата, држејќи транспарент на кој пишуваше: „Ги достигнав моите граници, ми треба помош“. Тој работеше 28 дена како единствен лекар на клиниката за кардиологија на островот од мај.

Исцрпеноста е главната причина наведена во растечкиот список на лекарски оставки низ островите. Федерацијата на здруженија на болнички лекари (OENGE) рече дека ова „сега еволуира во оперативен колапс на многу болници во регионот, како и на болнички одделенија во поголемите градови“.

„Овие работи не смеат да се случуваат во цивилизиран свет, во европска земја, во туристичка дестинација“, рече градоначалникот на Кос, Теодос Никитарас. „Потребни се трајни регрутации и трајни решенија“. (Политико)