Не кријте се зад народот
Не постои ниту едно референдумско прашање кое ќе даде одговор кој го отвара патот за членство во ЕУ. Затскривањето зад референдум е бегање од одговорност и кукавичко оправдување дека така се определил народот
(Колумна за Дојче веле)
Евентуалниот референдум во овие околности во кои се наоѓа Македонија ќе ја блокира целосно нејзината европска, цивилизациска и просперитетна иднина. Црната и агресивна популистичка пропаганда за спасување на Македонците од наводната нивна бугаризација и асимилација ќе го даде поразителниот резултат без оглед какво и да е референдумското прашање.
При ваква лажно фабрикувана и застрашувачка опасност која наидува на „плодно тло“ од оправданата огорченост на граѓаните од комшиските блокади и неодлучноста и себичноста на ЕУ со кои се соочува Македонија со години, не постои ниту едно референдумско прашање кое ќе даде одговор кој го отвара патот за членство во ЕУ. Заканата со бугаризација, асимилација и со исчезнување на македонскиот јазик во суштина е многу навредливо бидејќи со неподнослива леснотија во битките за власт се заговара процес во кој Македонците се прикажуваат како аморфна маса која лесно може да се меси и асимилира. Тоа е невозможно по сите векови на опстојување под разни владеења.
Таков мирновременски „геноцид“ на самоуништување е можен само ако ја изгубиме државата. А, тоа може да се случи ако Македонија остане изолирана, а сите соседи станат членки на ЕУ во наредните 10 до 15 години. Затоа владата, Собранието, што значи и власта и опозицијата, претседателот на државата, интелектуалните и деловни елити, медиумите, верските заедници се должни решително да го преземат својот дел од одговорноста и да не се кријат зад народот префрлајќи ја својата одговорност не само за иднината на сите граѓани, туку и за опстанокот на државата.
Кукавичко оправдување
Стопирањето на преговорите со ЕУ, затскривајќи се зад референдум е кукавичко оправдување дека така се определил народот. Каква е таа определба ако дење-ноќе се труби дека Македонија ќе стане членка на ЕУ ама Македонците ќе исчезнат, ќе исчезне македонскиот јазик, а сите други кои живеат во Македонија ќе останат со своите идентитетски посебности.
Со други зборови, Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите, Бошњаците и сите други ќе бидат свои на своето, а ќе ги нема Македонците кои ќе се асимилираат во Бугари.
Таква небулоза можат да смислат само тие што стравуваат дека Македонија ќе успее да ја сочува самобитноста на македонскиот народ, јазикот и идентитетот и ќе стане членка на европското семејство без нивното учество во клучните историски моменти кога се носат храбри државнички одлуки.
Ако ВМРО-ДПМНЕ и Левица и нивните лидери се сигурни во својата изборна победа, кога и да се одржат наредните парламентарни избори, тогаш зошто се потребни овие застрашувања со асимилација и исчезнување на Македонците. По освојување на власта можат лесно да ги раскинат сите договори кои се предавнички и водат кон бугаризација. Се разбира, тоа нема да го сторат. Нивната цел е провидна да се одржува тензија на велепредавство, на губење на идентитетските посебности за друг да ги заврши и донесе тешките одлуки пред изборите.
Ќе потонат јавнати на тој бран на создадениот амбиент да ја освојат власта, за потоа да ги прикажат како голема победа спречувањето од исчезнување на Македонците и македонскиот јазик . Тоа ќе се случи бидејќи ќе победи вистината дека тоа се придобивки кои се веќе извојувани и потврдени со фактот дека Македонија и Македоците ќе влезат во ЕУ со сите свои посебности и со македонскиот јазик без никакви додавки. Дека е тоа така најсилна потврда е фактот што ВМРО-ДПМНЕ не го предлага како референдумско прашање дали сте за тоа Бугарите да влезат во Уставот, заедно со сите делови од народи кои живеат во Македонија. Тоа прашање им е многу деликатно, иако е познат одговорот на големо мнозинство граѓани.
Кога се бараат алиби референдуми треба да се размисли колкави се шансите на Македонија да почне преговори со ЕУ ако такви референдуми се распишеа и во Грција и во Бугарија. Одговорот ни е познат, верувам, на сите. Никакви. Веројатно од истите причини како и кај нас големите грчки патриоти воошто не се задоволни што постои единствена држава во светот која го носи името Македонија, без оглед на компромисната додавка „северна“, што е признат македонскиот јазик во сиот свет, македонското државјанство и македонската национална припадност. Бугарските екстремисти, исто така, зборуваат за големиот неуспех на политиката, бидејќи ЕУ го признава македонскиот јазик, Македонците ќе влезат во ЕУ како Македонци, а Бугарите ќе бидат само едно малубројно малцинство кое живее во Македонија. Тоа е резултатот на националистичките и радикални квази патриотски определби кои го имаат истиот јазик на омраза и нетрпеливост.
Кога во Македонија ќе има референдум
Суштината на членството во ЕУ е во претпристапните преговори, најтешката етапа низ која треба да помине Македонија во потешки услови отколку повеќето сегашни редовни членки. Во наредните, најверојатно десетина години, а според некои проценки и подолго, соочена со голем број тешкотии и нови блокади не само од соседите, Македонија ќе треба да спроведе такви реформи кои не успеа да ги направи во изминатите 31 година со досегашната поддршка на ЕУ и на Запад.
Како кандидат за членство кој е во преговори со ЕУ тие шанси се многу поголеми и поизгледни без оглед на пречките и повремените застои. Воспоставување на доверба и добри односи со соседите можат да ги забрзаат тие процеси бидејќи еден дел од обврските Македонија веќе ги има завршено ако може да им се верува на нашите познавачи на механизмите на ЕУ дека во некои области сме биле подобри од земјите во регионот кои веќе преговараат и имаат отворено повеќе поглавја. Но, она што сигурно ќе биде најголем проблем е владеењето на правото, судските реформи и успешната борба против корупцијата и организираниот криминал и побрзиот развој на демократските процеси, не потценувајќи ги екологијата, економските реформи, образованието и секако земјоделството.
Сега ќе кажете ако е така, ако во тоа успееме, тогаш, зошто мораме да влеземе во ЕУ и да правиме болни компромиси. Одговорот е познат затоа што тоа не можеме да го постигнеме сами, без европските финансиски фондови и без европското знаење.
И конечно, кога треба да се одржи вистински референдум и со кое прашање. Одговорот е како што е вообичено во досегашната практика, откако ќе завршат успешно претпристапните преговори. Прашањето е повеќе или помалку еднакво кај сите нови членки по добиената покана за редовно членство. Дали сте за влез во ЕУ. Тогаш и може да се каже НЕ, но тоа никогаш не се случило. Македонија еден ден ќе има таков референдум. Мнозинството ќе биде со огромно громогласно ДА. Јавноста го менува ставот кога работите стануваат изгледни. Тоа треба да се одработи, а политичарите и интелектуалците кои заговараат дека сѐ е изгубено тоа треба да го имаат на ум кога проповедаат исчезнување.
(Линк до колумната овде)