„Не китете се со туѓи перја“: Писмо до јавноста на поранешната градоначалничка на Битола

„На Битола ѝ требаат и велосипедски патеки и ‘Парк’“, вели Наташа Петровска околу жешката дебата во битолската јавност како да се искористат европските пари


Не занимавајте се со мене, им порачува Наташа Петровска на сегашните општински власти

 

БИТОЛА – „На Битола ѝ требаат и велосипедски патеки и ‘Парк’“, вели екс градоначалничката Наташа Петровска, која се јави со отворено писмо до јавноста во врска со европскиот проект „Smart4You2“ кој е закочен во Советот на Општина Битола. Причина се разликите во ставовите дали да се реновира објектот „Парк“ во близина на обновениот со европски пари Офицерски дом или со пренамена да се изградат велопатеки во должина од 5 километри, за што Делегацијата на ЕУ во Скопје даде зелено светло.

Петровска писмото го пишува во прво лице еднина за, како што вели –„само заради нечија потреба да не ме вадат од уста.“

Наташа Петровска беше на чело на општина Битола еден мандат (2017-2021), откако нејзината матична партија СДСМ не ја кандидираше за втор, туку го предложи бизнисменот Христо Кондовски. СДСМ ја изгуби власта во Битола.  

„Значи, да, на Битола ѝ требаат и велосипедски патеки и ‘Парк’. Но кога изборно ветувавте велосипедски патеки, се надевам не мислевте на парите од ‘Парк’,  оти ако било така, не сте требале да го потпишите договорот на 30.12.2021 кој коректно го оставив непотпишан за да имате можност да нијансирате со свои сугестии. Но потпишавте. Дополнително во ‘Службен гласник’ бр.1 од 12.01.2022 објавен е заклучокот на изгласаност на кофинансирањето. Вие ги спроведовте овие активности, не јас, јас само ви отворив можности (не велам можност) кои очигледно се успешно изјаловени, Бог само знае до каде. Камо мене да ми имаа оставено можности наместо долгови!“, пишува Петровска во отвореното писмо испраќајќи порака до актуелната општинска власт.   

Петровска пишува дека оставила можности за велопатеки и со други проекти, но актуелната власт заслугите сака да си ги припише на свое конто. „Проѕирноста од повеќе страни оди до таму што никој до сега не се одважил да го иницира бележењето на велосипедските патеки во реконструираниот дел на Довлеџик, за кој апсолутно постојат затворени фази до бележење – или поентата е, со нас почнуваат патеките. Смешно! Или никој до сега не иницирал бележење на зона 30 секаде каде е изготвена сообраќајна студија, а е во функција на велосипедизмот! Или и за тоа не треба да се знае. Од пусти форес за китење со туѓи перја ќе ги поттурниме завршените работи за подоцна – да се претопат за ‘наше време’. Смешно!“, вели таа.

По ова Петровска споредува како таа постапила со наследените проекти кога стапила на власт во 2017, кога ВМРО-ДПМНЕ ја изгуби власта.

„Кога го реконструирав Офицерски не го стопирав Стадионот, иако за него имаше само обврска, а не обезбедени пари. Значи ги обезбедив средствата и за двата зафати, и за Стадионот и за Офицерски. Сега треба да е далеку полесно да се изведат и двата зафати за кои се води полемика, токму заради тоа што можноста за едното ја наследивте“, пишува екс градоначалничката и наведува дека во нејзиниот мандат „проциркулираа само  низ реализација на проекти по повици од меѓународни извори над 2,4 милиони евра. Успешното водење во реализацијата на проектите беше препознат од релевантни страни, за што Општина Битола дополнително доби грант, со кој беше направен пат и водовод до Лавци, дел од улиците во Долно Оризари и набавена опрема во ‘Комуналец’“.

На крај Петровска порачува: „Не бидува мудрување без основни познавања за растежот на концептот (идејата) до договор и реализација. Не бидува мудрување без основни познавања за тоа кога се нужни одлуки и на кои тела.  

Што било правено од тие фази, а што не, откако не сум дел од процесите, навистина не сум информирана, затоа што не е во полето на моето сегашно делување и е надвор од мојот интерес. Насочете ја енергијата и мислата да ги направите и двете работи, не занимавајте се со мене. Барем не вака, кукавички, надвор од дуел расправа“, напиша Петровска во отвореното писмо.

Во Битола сѐ уште се води силна политичката дебата дали со европскиот проект да се реконструира „Парк“, како што првично предвидуваше проектот добиен од времето на Петровска. Или заради поскапените градежни материјали, „Парк“ да не се допре, тука да се изградат  велопатеки на улиците „Партизанска“ и Васко Карангелевски“ како што побара актуелната власт предводена од Тони Коњановски. Средствата од ЕУ наменети за овој проект се во висина од 400 илјади евра.