Не е лесно да се стигне до бескаматните кредити на Развојна банка, велат стопанственици


Мирче Јовановски

Патот до бескаматните кредити на Развојната банка, кои беа промовирани како мерка за помош на погодените претпријатија од корона кризата, и не е толку едноставен, велат сопственици на приватни фирми. Во реакции кои стигнаа до редакцијата на Независен.мк, тие велат дека во јавниот повик има неколку критериуми кои уште во процесот на аплицирање за кредит може да елиминира  повеќе фирми, иако спаѓаат во сектори за кои се наменети средствата – транспорт, превоз, угостителство, сместување, туристички агенции и сл.

Најмалку два-три критериуми се спорни, велет тие. Пред сѐ, тоа се однесува на показателите за степенот на финансиска задолженост и за тековна ликвидност, бидејќи за нив како еден од елементите се зема вкупната задолженост на фирмите и краткорочните обврски, а не обврските по кредити кои достасуваат во тековната година. Исто така, за некои од фирмите ќе биде проблем и барањето за главнината и резервите да не бидат помалку од 50 отсто од износот на бараниот кредит, што ги става во неповолна позиција оние со мал износ на главнина и со мали добивки.

Како што е познато, во рамки на првиот сет мерки што ги промовираше Владата е и активирањето на Посебен кредитен фонд за директна поддршка на трговските друштва и трговци поединци (односно микро, мали и средни претпријатија) во износ од околу 338,2 милиони денари или околу 5,7 милиони евра за обртни средства и средства за подобрување на ликвидноста. Максималниот износ на кредитот е 1.845.000 денари (30 илјади евра), а минималниот 184.000 денари (3.000 евра).

Така, компаниите до 10 вработени може да добијат до 307.500 денари (до 5.000 евра), оние што имаат од 11 до 50 вработени, може да им се одобри кредит до 922.500 денари (односно од 5.000 до 15.000 евра) и на компании со 51 до 250 вработени, до 1.845.000 денари (до 30.000 евра).

Кредитите се денарски без девизна клаузула, со рок на отплата до две години со вклучен грејс период од шест месеци. Овие бескаматни кредити се пласираат преку Развојната банка. Јавниот повик беше објавен на 26 март, а рокот за доставување на апликациите е 30 дена.

Како мерка звучи убаво, но поради неколку критериуми мислам дека повеќе фирми, меѓу кои и мојата, нема да можат да се квалификуваат“, вели сопственик на угостителски дуќан во центарот на Скопје, откако детално ги проучил критериумите и ги набавил потребните документи. И други стопанственици го делат неговото мислење.

За што станува збор?

Некои од фирмите можат да „паднат“ на критериумот според кој согласно финансиските извештаи за последната фискална година главнината и резервите на фирмата да не се помалку од 50 отсто од износот на бараниот кредит.

Кај нас фирмите најчесто имаат основна главнина од 5.000 евра (или 350.000 денари), колку што е потребно да се регистрираат. Малите фирми не остваруваат големи добивки. На пример, ако станува збор за мала фирма од втората група, со акумулирана добивка од 1.000 евра и плус добивка од тековната година 500 евра, тогаш вкупниот збир ќе биде 6.500 евра, што е помалку од половина од кредитот од 15.000 евра“, вели нашиот соговорник.

Според нив, проблематичен е и критериумот, односно показателот за степенот на финансиска задолженост на компанијата.

Овој показател се пресметува како сооднос меѓу вкупните обврски по заеми и кредити и главнината и резервите. Количникот треба да е помал од 4“, вели еден од соговорниците.

При одредувањето на овој показател се зема предвид вкупната задолженост, а не она што како обврска доспева годинава. Тоа не е логично“, велат тие.

Така, ако фирмата користи кредит од банка што го зела минатата година и е со рок на враќање од четири години, тогаш лесно може да се случи да не го исполни ова барање, бидејќи се зема во предвид вкупниот износ на кредитот, а не она што фирмата треба да го исплати годинава кон банката.

Кога ќе се земат вкупните обврски кон банката, фирмата лесно може да не го исполни показателот за степенот на финансиска задолженост. Кога би се зеле обврските кои ги има за годинава, што е пологично, тогаш показателот би се исполнил без никаков проблем“, велат нашите соговорници.

Но, според нив, најпроблематичен е показателот за тековната ликвидност кој се пресметува како сооднос меѓу тековните средства и кратокорочните обврски. Количникот треба да е најмалку 0,9. Исто како и претходниот показател и овој се пресметува врз база на билансот на состојба од последната фискална година.

Под тековните средства се сметаат парични средства на жиро сметка и залихите на материјали. Проблем и тука е третманот на краткорочните обврски, кои исто како и кај претходниот показател се земаат во вкупен износ, а не за тековната година“, вели еден стопанственик.

Работата е во тоа што во завршниот биланс за минатата година влегуваат и обврските за пресметаните плати за декември 2019 година, вели тој.

Ние имаме месечни обврски за исплата на бруто платите за вработените од околу 500 илјади денари. Значи, нето платите се околу 300 илјади, а давачките околу 200 илјади денари. Декемвриската плата стои како обврска во билансот за минатата година, бидејќи така налагаат критериумите. Таа плата е исплатена во јануари, но онака како што е поставена во критериумите за добивање кредит од Развојната банка, ни пречи да го исполниме овој показател и не можеме да аплицираме“, вели разочарано овој стопанственик.

Сакам да верувам дека ова е направено од невнимание без да се анализира влијанието на критериумите, а не само да се каже дека има мерки за кои фирмите тешко ќе ги исполнат критериумите, вели тој.

На овие дилеми кои ги мачат стопанствениците се обративме и до Развојната банка. Од таму рекоа дека поради преголема зафатеност, најдобро е прашањата да ги пратиме преку електронска пошта, но на меилот не добивме одговор. Инаку, целиот процес за аплицирање за овие кредити се прави електронски. Неопходната документација ќе се доставува на емаил адреса, при што потребни документи се тековна состојба, завршна сметка за 2019 година, потврда за платени даноци и придонеси од УЈП, потврда дека за претпријатието не се води стечај, ЗПО образец од Централен регистер, а кредитната апликација може да се симне од веб страницата на Развојна банка.