Не е јасно за што е виновна, а за што не е: Апелација ја укина затворската казна за Лидија Димова


 

Апелацискиот суд во Скопје ја укина пресудата Лидија Димова, поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, со која таа беше осудена на двегодишна казна затвор за злоупотреба на службената положба. Апелација го врати предметот на повторно судење во Кривичниот суд

На пресудата се жалеа и обвинителството и одбраната и расправата се одржа на 11 март. Според повисокиот суд во пресудата не било јасно утврдено за кои конкретни дејствија обвинетата е прогласена виновна, а за кои е ослободена, што претставува сериозен пропуст во постапката.

Укинат е и делот со кој Димова требаше да врати 370 илјади евра кон Националната агенција.

Судот смета дека пресудата е нејасна и неразбирлива зашто од една страна Димова се осудува за „злоупотреба на службената положба“ а од друга страна се ослободува за „измама на штета на средства на Европската заедница“ без да се каже за кои дејства од второто дело се ослободува. 

Со обвинителниот предлог на Димова ѝ се става на товар дека од 2018 до 2020 година како директорка на Агенцијата што раководи со „Еразмус+“ програмата ангажирала надворешни соработници, експерти и обучувачи без јавен конкурс. Исто така, ѝ се става на товар дека незаконски го спровела преселувањето и реновирањето на Националната агенција во нови простории, како и дека одобрувала исплата на дневници за патувања во странство.