НБС планира да ги префрли сите златни резерви во Србија

Народната банка на Србија планира да ги префрли сите свои златни резерви што се наоѓаат надвор од земјата, со вкупна вредност од околу шест милијарди долари, на своја територија, со цел да се обезбеди безбедноста на златото во време на криза, пишува „Блумберг“.
Њујоршката агенција наведува дека Централната банка на Србија објавила дека со враќањето на златото во земјата, НБС се стреми да ја зголеми достапноста и безбедноста на златните резерви во време на криза и неизвесност.
Се додава дека првите чекори кон враќање на златото на српска територија започнале во 2021 година во услови на „окружување на зголемена глобална неизвесност“. Минатата недела, гувернерката на НБС, Јоргованка Табаковиќ, изјавила дека преостанатите пет тони што се надвор од земјата ќе бидат вратени „што е можно поскоро“.
Од 2019 до минатата година, Србија купила 17 тони злато во странство, при што најмалку 19 тони биле купени од локалната компанија „Жиѓин“, зголемувајќи ги своите златни резерви на 50,5 тони. Речиси целата таа количина е складирана во Белград, освен пет тони купени минатата година и кои сè уште се складираат во Швајцарија, кои по сегашните цени на златото вредат околу шест милијарди долари, објавува Танјуг.
Темпото на акумулација на злато во централните банки на националните држави се удвои откако руските девизни резерви беа замрзнати во 2022 година, што го нагласува политичкиот ризик од држење средства деноминирани во долари и евра, процени Блумберг, додавајќи дека чувањето златни прачки во земјата штити од ваков вид странско мешање.
Според податоците на Блумберг, Унгарија чува околу 86 проценти од своите златни резерви во сопствената земја, а Полска 25 проценти.