НБМ размислува за ново одлагање на ратите за кредитите
Народна банка размислува повторно да ги одложи ратите за кредитите за граѓаните, јавува 24 Вести. Според информациите, се прават анализи на состојбата со пандемијата од Ковид 19 и како таа економски ги погоди граѓаните, но и компаниите.
Конечната одлука се очекува да ја донесе Народната банка следната недела, откако деновиве ќе се консултираат и деловните банки. Мораториумот истекува на први октомври, што значи дека доколку не се продолжи оваа мерка, граѓаните кои ги одложија плаќањата на кредитите ќе почнат повторно да ги плаќаат.
„Подготвени сме соодветно да ги приспособуваме политиките и навремено да реагираме во согласност со нашите надлежности. Во тек се анализи, врз основа на кои наскоро ќе се заземе став по однос на ова прашање, водејќи сметка и за потребите на граѓаните и за стабилноста на банкарскиот систем“, е ставот на НБМ.
И од Банкарската асоцијација велат дека се подготвени да излезат во пресрет на граѓаните доколку е потребно иако засега нема одлука за ново пролонгирање.
„Членките на Македонска банкарска асоцијација ја разгледуваат потребата и можностa за понатамошна помош на населението и стопанството, но во овој момент се уште не е заземен конечен став. Македонската банкарска асоцијација е целосно посветена на изнаоѓање на решенија за надминување на проблемите предизвикани од оваа криза“.