НБА: Бостон Селтикс ќе бидат продадени за повеќе од 6 милијарди долари

Одборот на директори на НБА ја одобри продажбата на Бостон Селтикс на група инвеститори предводени од бизнисменот Вилијам Чизхолм, објави новинската агенција АФП во четврток. Вилијам Чизхолм е коосновач на приватниот инвестициски фонд Симфони Технолоџи Груп и страствен навивач на Селтикс.
Одобрувањето од сопствениците на клубовите во НБА дојде пет месеци откако беше објавена продажбата на Селтикс. Трансакцијата е вредна 6,1 милијарда долари, а до неодамна тоа би била рекордна сума платена за американски спортски клуб. Во јуни, Лос Анџелес Лејкерс беа продадени од семејството Бус на милијардерот Марк Волтер за 10 милијарди долари.
Претходните сопственици на најуспешниот тим во НБА (18 шампионати), предводени од бизнисменот Вајк Гроусбек, платија само 360 милиони долари за Селтикс пред 23 години. Иако станува збор за огромна сума пари, веројатно би била „мала сума“ доколку на пазарот излезат петкратните шампиони на професионалната американска фудбалска лига (НФЛ) Далас Каубојс, познати во САД како „Американски тим“.
Тие се во сопственост веќе 36 години на американскиот милијардер Џери Џонс (82). Експертите проценуваат дека Каубојс би чинеле многу повеќе од ЛА Лејкерс, а некои предвидуваат дека Каубојс би ја надминале границата од 20 милијарди долари.