Навални умре пред да биде разменет за руски затвореник, тврди неговиот тим
Алексеј Навални требаше да биде ослободен во размена на затвореници кога умре, изјави неговата соработничка Марија Певчих.
Таа рече дека рускиот опозициски лидер ќе бил разменет за Вадим Красиков, руски платен убиец кој отслужува доживотна казна затвор за убиство во Германија.
Двајца американски државјани кои моментално се држат во Русија, исто така, требаше да бидат дел од договорот, тврди Певчих.
Таа додаде дека преговорите биле во завршна фаза на 15 февруари.
Следниот ден, Навални умре во својата ќелија во затворската колонија во Сибир каде што тој отслужуваше 19-годишна затворска казна под обвининеја за кои нашироко се верува оти биле политички мотивирани. Затворските власти соопштија дека на 47-годишникот му се слошило по „прошетка“.
Во видеото објавено на каналот на Навални на Јутјуб, Певчих, која е претседателка на неговата Фондација за борба против корупцијата (ФБК), рече дека преговорите за размена на затвореници се водат веќе две години.
Таа додаде дека по почетокот на руската целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година „било јасно дека Путин нема да застане пред ништо“ и дека Навални „мора да биде ослободен од затвор по секоја цена и итно“.
Според Певчих, Навални требало да биде ослободен со хуманитарна размена и американски и германски претставници биле вклучени во разговорите.
Процесот конечно резултираше со конкретен план за размена на затвореници во декември, рече таа.
Наводно, орлигархот Роман Абрамович, бил вклучен како човек за врска меѓу западните влади и Кремљ.
Вадим Красиков – Русин кој беше прогласен за виновен за пукање во глава на поранешниот чеченски бунтовнички командант Зелимхан Кангошвили од непосредна близина во Германија во 2019 година – требаше да биде дел од договорот.
Двајца американски државјани кои моментално се држат во Русија, исто така, ќе бидат разменети, рече Певчих, иако не ги именуваше.
Според Певчих, рускиот претседател Владимир Путин се предомислил во последен момент. Таа рече дека „не може да толерира Навални да биде на слобода“ – и бидејќи постоел „начелен договор“ за ослободување на Красиков, Путин решил „само да се ослободи од чипот за пазарење“.
„Путин полуде од омразата кон Навални“, рече Певчих. Тој знае дека Навални можеше да го победи.
Портпаролот на германската влада во понеделникот рече дека владата „во овој момент не може да ги коментира извештаите“ за планирана размена на затвореници.
За еден час по објавувањето, видеото на Певчих имаше стотици илјади прегледи.
Кремљ сè уште не реагирал на тврдењата изнесени од Певчих, но портпаролот на претседателот Путин, Дмитриј Песков, претходно изјави дека наводите за вмешаност на владата во смртта на Навални се „апсурдни“. (Би-Би-Си)