Навални: Меркел ме посети во болница
Отруениот критичар на Кремљ, Алексеј Навални ги потврди информациите дека за време на неговото лекување во универзитетската клиника Шарите имал визита од германската канцеларката Ангела Меркел
Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални денеска соопшти дека германската канцеларка Ангела Меркел го посетила додека бил на лекување во берлинската болница поради труење.„Многу сум и’ благодарен на канцеларката Меркел што ме посети во болница“, напиша на Твитер Навални, потврдувајќи ги информациите на германскиот весник Шпигел.
Алексеј Навални, кој е на рехабилитација во Берлин, минатата недела излезе од болница по еден месец.
44-годишниот Навални, најистакнат противник на рускиот претседател Владимир Путин, беше префрлен во Германија два дена откако му се слоши на 20 август на домашен лет во Русија.
Германските стручњаци за хемиско оружје утврдија дека Навални е отруен со агенсот „новичок“ од советската ера, што го поттикна Берлин да побара од Русија да го испита овој случај. Навални беше држен во вештачка кома повеќе од две недели и беше лечен со противотров.
Членовите од неговиот тим го обвинија Кремљ за вмешаност во труењето, а руските претставници цврсто го негираат тоа.Кремљ реагираше луто на повиците на канцеларката Ангела Меркел и на други личности да одговорат на прашањето за труењето. (Дојче веле)