Научници од шест држави добија пристап до месечевите примероци собрани од кинеската мисија „Чанг-е 5“


 Кинеската национална вселенска администрација (КНСА) соопшти дека научници од Франција, Германија, Јапонија, Пакистан, Обединетото Кралство и САД добиле дозвола за користење на месечевите примероци собрани од мисијата „Чанг-е 5“ за научни истражувања.

Така, седум институции од тие шест земји добиле дозвола да ги позајмуваат примероците. КНСА го соопшти тоа на свеченоста во Шангај по повод Денот на космонаутиката на Кина, што се слави секоја година на 24 април. Сондата се врати во декември 2020 година, донесе 1.731 грам примероци од карпи и почва од површината на Месечината. 

Според известувањето, кинеската Програма за истражување на Месечината „отсекогаш се придржувала до принципите на еднаквост, заемна корист, мирна употреба и соработка со сите земји, преку споделување на своите достигнувања со меѓународната заедница“, нагласи КНСА.

Агенцијата, се вели, ќе продолжи да прифаќа барања за испитување на месечевите примероци, изразувајќи надеж дека научниците ќе дојдат до нови откритија што ќе го прошират човечкото знаење.

КНСА откри уште една новост. Лансирањето на месечевата сонда „Чанг-е 8“ е закажано за 2029 година. како дел од меѓународната соработка, таа ќе носи товар од 11 земји и региони.