НАТО нѐ потсетува со кое име станавме членка

Договорот од Преспа го отвори патот за пристапување на Северна Македонија во НАТО и придонесе за добрососедски односи, велат од Алијансата за „Независен“


 

Официјален преставник на НАТО порача денес за „Независен“ дека е многу важно да се одржуваат добри односи меѓу сојузниците во алијансата, без да навлегува како евентуалното кршење на Договорот од Преспа може да влијае на членството на Македонија.

Тој сепак потсетува како Македонија влезе и со кое име е преставена во алијансата без да го толкува тоа натаму, односно што ќе значи ако во првата прилика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова или преставници во новата влада што се очекува –  не го употребуваат уставното име на државата на состаноците со сојузниците.

„Северна Македонија е ценет НАТО сојузник и дава важен придонес за нашата колективна безбедност. Ова ги вклучува војниците распоредени во нашата мисија на КФОР на Коза сово, во нашата мисија за советување и градење капацитети во Ирак, како и во мултинационалните борбени групи на НАТО во Летонија, Бугарија и Романија.

Договорот од Преспа го отвори патот за пристапување на Северна Македонија во НАТО и придонесе за добрососедски односи, кои е важно да се одржуваат меѓу сојузниците. Северна Македонија влезе во Алијансата со уставното име и со тоа е претставена во НАТО“, стои во одговорот на НАТО за гестот на Сиљановска, што предизвика бура во соседството и во ЕУ. (С.Ј.)