НАТО ќе се брани само себе


Јенс Столтенберг

НАТО ќе ги брани сите свои сојузници и територијата од руски напад, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен при пристигнувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на Алијансата во Брисел, пишува Ројтерс.

„НАТО е одбранбен сојуз. Не бараме конфликт. Но, ако дојде до конфликт кај нас, ние сме подготвени за тоа и ќе ја браниме секоја педа од територијата на НАТО“, им рече тој на новинарите, истовремено осудувајќи ги, како што ги нарече, руските напади врз цивилите во Украина.

„И во текот на ноќта, видовме и извештаи за напад врз нуклеарна централа. Ова само ја покажува непромисленоста на оваа војна и важноста да се стави крај и важноста Русија да ги повлече сите свои војници и да се вклучи со добра волја во дипломатските напори“ додава тој.

И генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг пред вонредниот состанок на министрите за надворешни работи ги осуди, како што рече, воените напади врз цивили и нуклеарната централа во Украина и ја повика Русија да ги повлече своите војници и да се вклучи во дипломатските напори за ставање крај на „бесмилосната војна“.

„Сојузниците на НАТО воведоа санкции без преседан против Русија, ние обезбедуваме помош за Украина, но НАТО не е дел од конфликтот. НАТО е одбранбен сојуз. Ние не бараме војна со Русија, но мора да бидеме јасни за нашата решеност да ги браниме нашите членови“, рече тој.

Столтенберг,пристигнувајќи на состанокот на министрите на НАТО со тие на Шведска и Финска, им се заблагодари на Соединетите Американски Држави, сојузниците на ЕУ и Канада за зголемувањето на воените сили во Источна Европа, вклучувајќи копнени трупи, бродови и авиони.

Литванскиот премиер пак ги нарече неодговорни сите повици НАТО да воведе зона на забранети летови над Украина, бидејќи тоа значи дека же треба да урива руски авиони.  

„Верувам дека сите охрабрувања  НАТО да се вклучи во воениот конфликт сега се неодговорни“, рече Ингрида Симоните на прес-конференција во Вилнус.