Наскоро просечната плата во Црна Гора ќе биде илјада евра, нема да има зголемување на ДДВ
Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ најави дека просечната плата во Црна Гора наскоро ќе биде 1.000 евра, дека ќе се намалат придонесите во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИО), кој нема да се укине. Тој нагласи дека данокот на додадена вредност, кој изнесува 21 отсто, нема да се зголеми и дека нема да се бара задолжување за спроведување на тие мерки.
-Ги намалуваме приходите од придонеси и надоместуваме со разни други мерки. Минималната плата во просек ќе биде 700 евра, рече Спајиќ на прес-конференцијата по повод презентацијата на Фискалната стратегија за периодот 2024-2026 година.
Минималната плата од 450 евра треба да се зголеми на 600 евра за вработените кои имаат завршено средно образование и на 800 евра за оние кои имаат завршено високо образование.
Придонесите за ПИО ќе се преполоват од сегашните 20,5 проценти, бидејќи ќе се укине придонесот на работодавачот од 5,5 проценти, а придонесот на работникот ќе се намали од 15 на околу 10 проценти. Со намалување на придонесот државата би изгубила приход од 107 евра по вработен со дневна плата. Дел од тие пари би се компензирале од буџетот за сметка на зголемување на наплатата на даноците и придонесите врз основа на зголемувањето на минималните плати на 600 и 800 евра.
Спајиќ рече дека програмата „Европа сега 2“ се однесува на 300.000 вработени во Црна Гора кои ќе имаат значително зголемување на платите.