Насилството низ градовите во Израел се шири како пожар
Евереи се обидуваат да линчуваат Арапи, Арапи се обидуваат да линчуваат Евреи, полицијата ја загуби контролата на ситуацијата
Толпата што дивееше по шеталиштето покрај брегот во Бат Јам, јужното предградие на Тел Авив, започна со напад врз дуќани во сопственост на палестински граѓани на Израел.
Млади екстремно десни Евреи, некои облечени во црно и скандирајќи „смрт за Арапите“, се собраа по повикот на социјалните мрежи што експлицитно повикуваше на насилство.
Откако го искршија прозорецот на една продавница за сладолед во сопственост на еден израелски Арап, посетуван од обете заедници, тие го свртеа вниманието кон возач, кого го идентификуваа како израелски Арап, влечејќи го од неговиот автомобил и дивјачки тепајќи го пред да го остават да лежи на патот 15 минути додека не пристигне полицијата.
Нападот беше снимен во живо на камера од израелскиот Канал 11. Репортерот Даниел Елазар предупреди: „Гледаме линч во реално време. Тука нема полиција“, пред камерата да се оддалечи на барање на водителот.
Нападот во Бат Јам не беше изолиран инцидент. Од брзата ескалација во борбите меѓу Хамас и Израел, во кои беа истрелани ракети кон израелските градови, вклучително и пошироката област на Тел Авив, комуналните тензии меѓу еврејските и арапските граѓани на Израел експлодираа во немири и насилни напади, а некои луѓе предупредуваат на ризик од граѓанска војна.
До четвртокот беше пријавено градско насилство од Беершеба во јужната пустина Негев до Рахат, Рамла, Лод, Насирија, Тибиеријас, Ерусалим и Хаифа. Имаше немири, убоди со нож, подметнување пожари, обиди за домашни упади и пукања, дел од нив беа снимени со застрашувачки детали на социјалните мрежи.
Алармот беше доволен за да предизвика страшни редакциски коментари, вклучително и во конзервативниот „Џерусалем пост“, кој предупреди дека „деликатниот и мошне несовршен соживот што постои меѓу еврејските и арапските Израелци во последните 73 години, сега ризикува да исчезне до непрепознатливост“
Во Акре, 37-годишен еврејски учител беше нападнат со неговиот автомобил од израелско арапски демонстранти во близина на плоштадот Егед и се здоби со сериозни повреди, еден ден откако демонстрантите го запалија Ури Бури, познат еврејски ресторан за морска храна.
Самер Салем, 58-годишен арапско-израелски наставник по возење во Акре, ги обвини двете страни за зголемените конфронтации. Опишувајќи ги првичните протести, тој рече: „Сакавме да испратиме порака до меѓународната заедница со протестите за она што се случи во ал-Акса и Ерусалим, но да не бидеме вклучени во штетата на имотот што се случи. Демонстрантите вандализираа и запалија продавници, и тоа не е во ред за Евреите во Акре. [Тогаш] екстремистички Евреи се собраа синоќа и ги нападнаа арапските жители на Акре. Не знаеме каде ќе завршат работите. Но, ситуацијата е многу опасна“.
Во четвртокот наутро израелскиот министер за одбрана, Бени Ганц, нареди „масовно засилување“ на граничните полициски сили во градовите низ Израел за „разладување“ на ситуацијата. „Ние сме во итна состојба“, рече Ганц во изјавата.
Она што некои набљудувачи го опишуваат како најтешкото избувнување на градско насилство во последните две децении е поттикнато од комбинација на тензии, сегашни и подолготрајни. Израелските Арапи сочинуваат околу 20 отсто од населението и се потомци на Палестинците кои останаа во земјата по војната во 1948 година околу создавањето на Израел, кога се проценува дека 700.000 избегаа.
Иако имаат државјанство, вклучително и право на глас, тие се соочуваат со широко распространета дискриминација и поради тоа што во голема мерка се идентификуваат со палестинската кауза, многу Израелци гледаат на нив со сомнеж.
Во последниве денови, арапските граѓани на Израел одржаа масовни протести низ целата земја поради израелското полициско управување на светото место во Ерусалим и се планира протерување на десетици палестински семејства во градот по правната кампања од еврејските доселеници.
Последниве неколку недели се забележува воскреснување на активностите на отворено антиарапските групи како „Лехава“, расистичките фудбалски хулигани познати како „Ла Фамилија“ и екстремно десничарски доселенички групи, кои наводно биле вклучени во насилството.
Една неодамнешна порака испратена од „Ла Фамилија“, опишана од новинарот на „Хаарец“ Бар Пелег, ги повика приврзаниците да се упатат кон Јафа, каде се вели дека има минимално полициско присуство, именувајќи ги улиците каде што е можно да се влезе во арапските домови и нивните жители да се бодат со нож.
Во мешаниот град Лод беа забележани некои од највознемирувачките сцени каде продолжи насилството, вклучително и прободување на Евреин на пат кон синагога и напад врз бремена Арапка, која претрпе сериозна повреда на главата.
Ситуацијата е запалена од реториката на локалните избрани функционери, вклучувајќи го и заменик-градоначалникот Јоси Харуш, кој беше снимен на видео на состанокот на Советот, велејќи дека стотици луѓе доаѓаат од населбите на Западниот Брег за да ги заштитат еврејските куќи и „да им помагаат во безбедноста“, предупредувајќи ги арапските жители да не ги напуштаат своите домови.
Далија Шајндлин, израелски политички аналитичар, ги повторува ставовите на многумина велејќи дека според нејзиното искуство комуналното насилство е невидено. „Навистина е лошо“, рече таа за „Гардијан“, враќајќи се дома од Бат Јам. „Се чувствува како етнички конфликт. Луѓе излегуваат на улиците да извршат насилство врз луѓето од другата заедница. Ова е повеќе од реакција на ракетите на Хамас. Нешто подлабоко се случува под површината “.
Од израелска страна, тврди Шајндлин, клучен фактор е зголемувањето на нормализацијата на крајната десница подолг период години, во кое лидерите како Бенјамин Нетанјаху и Авигдор Либерман ја користеа политиката на расизам за да им се допаднат на гласачите, создавајќи простор за поекстремни фигури. Ова, велат Шајндлин и други, им овозможи на екстремно десните насилни групи да цветаат.
„Тоа е катастрофа. Прашањето е што може да се направи? Во моментов, прво и последно средство е сила и сè потешка работа на полицијата“, вели таа.
Неизбежното е оставено на личностите кои претходно имаа политички придобивки од воспалителната реторика, вклучително и Нетанјаху, да се обидат да ја смират ситуацијата.
„Она што се случуваше во последните неколку дена во градовите во Израел е неприфатливо“, рече Нетанјаху. „Ништо не го оправдува линчувањето на Арапите од страна на Евреите и ништо не го оправдува линчувањето на Евреите од страна на Арапите“. (Гардијан)