Насер Нуредини: Потребни се сериозни напори за да ги исполниме европските еколошки стандарди


Фото: Б. Грданоски

Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, по повод изгласувањето на новата Влада, во изјава за медиумите вели дека негови приоритети во наредниот период ќе бидат аерозагадувањето, управувањето со отпадот и отпадните води, заштитата на природата и обезбедувањето на вода за пиење за секој граѓанин во земјата, како и дека ќе бидат потребни сериозни напори за да ги исполниме европските еколошки стандарди.

„Благодарен сум што ја добив довербата и ми беше укажана можноста да ги спроведам започнатите и планираните активности кои бев спречен да ги реализирам поради предвремените избори и пандемијата со која се соочивме кусо по започнувањето на мојот претходен мандат.

И натаму, моите водечки вредности во работењето ќе останат транспарентноста, професионалноста и ефикасноста.

Ни претстои период во кој сѐ уште ќе се справуваме со најголемиот здравствен предизвик во последниот век, како и со последователните економски последици од истиот. Меѓутоа ние не смееме притоа да заборавиме на заштитата на животната средина, ниту на климатската криза пред која е исправен целиот свет. Ако нешто научивме оваа година, тоа е дека здравата животна средина е предуслов за исполнување на сите човекови права, за нашето здравје, за рамнотежата во екосистемите. Но, и дека државите можат да преземаат радикални чекори кога тоа е потребно.

Затоа мораме да вложиме сериозни напори за да ги исполниме европските еколошки стандарди, да носиме координирани стратешки политики и да креираме синергии со сите чекори кои ќе бидат преземени во претстојните месеци.

Мои приоритети ќе бидат аерозагадувањето, управувањето со отпадот и отпадните води, заштитата на природата и обезбедувањето на вода за пиење за секој граѓанин во земјата. Работата на овие полиња веќе започна, и ги поканувам сите чинители на општеството и натаму да соработуваме заедно, зашто само така ќе можеме да ги постигнеме овие долгорочни цели!“, вели Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање. Нуредини и до сега ја извршуваше оваа функција.