НАСА им забрани на Кинезите да работат во нејзината вселенска програма


Американската вселенска агенција НАСА им го одби пристапот на кинеските граѓани со важечки американски визи до нејзините објекти, потег што ефикасно им забранува да работат во еден од најпрестижните центри за вселенски истражувања во светот, објавува Би-би-си.
Реклама

Кинеските државјани, кои можеле да работат во НАСА само како изведувачи или студенти кои придонесуваат за истражување, дознале на 5 септември дека го изгубиле целиот пристап до системите и објектите на НАСА, објави Блумберг, повикувајќи се на извори.

НАСА подоцна го потврди ова и изјави дека на кинеските државјани ќе им биде ограничено користењето на „објекти, материјали и мрежи на агенцијата за да се обезбеди оперативна безбедност“.

Забрзаната вселенска програма на Кина ги вознемири САД и ја интензивираше трката меѓу двете најголеми економии. Кинеските астронаути веќе се исклучени од Меѓународната вселенска станица (МВС) бидејќи Вашингтон ѝ забрани на НАСА да ги споделува своите податоци со Кина.

Најновото ограничување наметнато од НАСА само го зголемува падот на научната соработка меѓу двете страни поради загриженост за националната безбедност.

Додека се натпреваруваат за стекнување технолошка предност, Пекинг и Вашингтон стануваат сè повнимателни еден кон друг.

Сомнежот им го отежнува добивањето визи на некои кинески студенти, особено на оние што студираат наука и технологија, или дури и влегувањето во САД откако ќе ја обезбедат. Во САД, неодамна имаше неколку случаи на наводна шпионажа од страна на кинески граѓани, а научниците особено се сè повеќе под лупа.

Не е јасно колку однапред НАСА ги известила кинеските државјани кои работеле за вселенската агенција. Блумберг објави дека тие одеднаш откриле дека им е одбиен пристап до системите за податоци на агенцијата и им е забрането да учествуваат во состаноци поврзани со нивната работа, и во живо и виртуелно.

Прес-секретарката на НАСА, Бетани Стивенс, им изјави на новинарите дека агенцијата навистина презела „внатрешни мерки поврзани со кинеските државјани, вклучително и ограничување на физичкиот и сајбер-безбедносниот пристап до објектите“.

Кина не ги крие своите вселенски амбиции, а и Пекинг и Вашингтон се натпреваруваат да ги испратат своите екипажи на Месечината.

„Во моментов сме во поинаква вселенска трка“, изјави за новинарите на прес-конференцијата во среда, вршителот на должноста администратор на НАСА, Шон Дафи, на прес-конференцијата во среда, каде што зборуваше за откритијата на Америка на Марс.

„Кинезите сакаат да се вратат на Месечината пред нас. Тоа нема да се случи“, додаде тој.

Директорот на општото технолошко биро на Кинеската вселенска агенција со екипаж минатата година изјави дека загриженоста на САД е „непотребна“, нарекувајќи го истражувањето на вселената на Кина „колективна мисија за човештвото“.

На сослушувањето во американскиот Сенат минатата недела, пратениците ја нагласија потребата САД да стапнат на Месечината пред Кина.

„Кина не ги криеше своите цели. Доколку нашите противници постигнат доминантни вселенски капацитети, тоа би претставувало голем ризик за Америка. Влоговите не можат да бидат поголеми“, рече републиканскиот сенатор Тед Круз.

Предизвикот не е само да се стигне до Месечината, туку и кој може да ги контролира нејзините ресурси откако ќе се стигне таму.

Месечината содржи минерали, вклучувајќи ретки земни метали како железо и титаниум, како и хелиум, кој се користи во сè, од суперспроводници до медицинска опрема.