Народната банка „на готовс“ доколку инфлацијата покаже заби


Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска смета дека за сега нема таква опасност и дека инфлацијата според процените на НБ годинава ќе изнесува 2,2 отсто

 

Народната банка нема да се колеба да ги преземе сите потребни мерки за да се одржи ценовната стабилност во земјава, доколку се зголеми притисокот врз инфлацијата, изјави денес гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска. Таа потсети дека НБ располага со цел сет на инструменти кои ќе ја затегнат монетарната политика. Гувернерката сепак смета дека за сега нема таква опасност и дека инфлацијата според процените на Народната банка годинава ќе изнесува 2,2 отсто. Дека инфлаторните притисоци се од времен карактер се согласува и гувернерот на Хрватската народна банка (ХНБ), Борис Вујчиќ кој што е во дводневна работна посета на нашата земја. Тој вели дека во Македонија не се случува ништо поинаку од другите земји во Европа и во светот и не очекува притисокот на цените да се прелее врз платите и понатаму врз поголема потрошувачка, што може да поттикне инфлаторна спирала. Според прогнозите на ХНБ, инфлацијата во Хрватска годинава ќе изнесува 1,7 отсто.

Дали монетарната политика ќе остане релаксирана како сега или не, зависи од два клучни параметри, вели гувернерката Ангеловска-Бежоска. Едниот е нивото на девизните резерви, а другиот стапката на инфлација и инфлаторните очекувања.

„Во моментов нивото на девизни резерви надминува 4 милијарди евра. Само за споредба, сегашното ниво на девизни резерви е двојно повисоко во однос на она од глобалната финансиска криза и сите меѓународни стандарди упатуваат дека сегашното ниво е адекватно“, истакна Ангеловска-Бежоска, одговарајќи на прашања на новинарите на прес конференцијата по потпишување на Меморандумот за соработка меѓу НБМ и ХНБ.

Дали монетарната политика ќе остане релаксирана зависи од девизните резерви и од инфлаторните очекувања: Анита Ангеловска-Бежоска

Во однос на инфлацијата и инфлациските движења, таа вели дека до сега стапката на инфлација е умерена иако неодамна Народната банка направи мала нагорна корекција, од 1,5 отсто на 2,2 отсто за оваа година.

Ценовната стабилност е основна цел

„Тоа упатува на одржување на инфлацијата во умерени рамки“, вели гувернерката на Народната банка, додавајќи дека е важно и да се знае кои фактори влијаат врз инфлацијата. Во конкретниот случај, станува збор пред сѐ за глобални фактори врз кои не може да се влијае, како на пример на цената на енергенсите. Но, како што нагласува Ангеловска-Бежоска, многу е важно да се знае дека меѓународните финансиски институции очекуваат инфлацијата да се стабилизира и наредната година да има пониски стапки.

„Се разбира, ценовната стабилност е наша основна цел, будно ги следиме сите движења и доколку има потреба за задржување на ценовната стабилност нема никаква дилема дека Народната банка ќе ги преземе сите неопходни мерки таа да се одржи“, вели Ангеловска-Бежоска.

Гувернерот на ХНБ, Борис Вујчиќ вели дека минатата година поради пандемијата дојде до силна контракција на економската активност, што предизвика сопирање на транспортот, превозот на стоки и тн. што беше проследено со пад на цените, особено на енергенсите . Сега, во вториот квартал е нормално да има скок на цените на некои вообичаени нивоа во услови кога економијата заживува и се враќа на предкризните состојби.

„Поради тој ефект и раст на цените на енергенсите, на другите суровини, па и на прехранбените производи, има силен раст на инфлацијата. Она што за сега се очекува е дека тој раст е привремен и дека нема да дојде до раст на инфлаторните очекувања, пораст на платите и понатаму раст на цените што е вообичаено сценарио за зголемување на инфлацијата“, вели Вујчиќ и додава дека сепак треба да се биде претпазлив и да се следат податоците од третиот и од четвртиот квартал кои ќе покажат дали ова е привремен шок или пак би можело да дојде до вградување на дел од инфлацијата во идниот раст на цените.

За сега, очекувањата и во Македонија и во Хрватска, а и во Европа односно на ЕЦБ и во светот на ФЕД, се дека е многу привремено“, вели Вујчиќ, поткрепувајќи го ова со цените на терминските договори (т.н. фјучерси) на суровините и на нафтата кои покажуваат намалување. Од друга страна, во овој момент не се забележува притисок на пазарот на трудот, односно за пораст на платите, така што не би требало да се прелее на дополнителен пораст на потрошувачката.

Во Македонија не се случува ништо поинаку од другите земји во Европа и во светот: Борис Вујчиќ

Што покажуваат анкетите

Во оваа насока се и резултатите од спроведени анкети. Како што објасни Вујчиќ, минатата година дојде до пораст на заштедите односно на депозитите секаде во светот, бидејќи поради заклучувањето на економиите и карантините, луѓето едноставно немале каде да ги трошат парите. Сега главната дилема е што ќе прават луѓето со овие пари, дали ќе ги сочуваат како заштеди, ќе ги искористат за отплата односно намалување на нивните долгови или пак ќе ги искористат за зголемување на личната потрошувачка, што доколку се случи може да доведе до пораст на цените.

„Само 20 отсто од анкетираните одговориле дека ќе ја зголемат потрошувачката, , отприлика толку дека ќе ги намалат долговите, а другите околу 60 отсто дека трајно ќе ги зголемат заштедите, што повторно укажува дека нема дојде до некој позначаен притисок врз инфлацијата“, вели Вујчиќ.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска вели дека однесувањето на Централната банка зависи од нејзината перцепција за среднорочните инфлациски движења. Како што посочи, не се реагира тековно на инфлациските движења, туку многу се важни очекувањата и факторите кои влијаат врз пораст на инфлацијата.

Во однос на влијанието на еколошката такса врз стапката на инфлација, гувернерката Ангеловска-Бежоска одговори дека е потребно претходно да се направи подетална квантитативна анализа и оваа давачка да се стави во контекст на сите други движења и фактори кои што ќе влијаат врз инфлацијата, како на страната на понудата така и на страна на побарувачката.

„Инфлациските очекувања се многу значајна категорија, но засега и нашите анкети покажуваат дека тие се движат во умерени рамки“, вели гувернерката Ангеловска-Бежоска. (М.Ј.)