Народна банка: Немаме веќе надлежности врз Еуростандард банка


Согласно со законската регулатива, со денот на донесувањето на Решението за укинување на дозволата за основање и работење на банка, банката престанува со работа и престануваат надлежностите на Народната банка.

Ова го соопшти попладнево Народната банка реагирајќи на писмото кое што денес до медиумите го упати Трифун Костовски, еден од акционерите на Еуростандард банка.

Во реакцијата Народната банка појаснува дека НБ ја укина дозволата за основање и работење на Еуростандард банка АД Скопје на 12 август 2020 година, заради несолвентност на Банката, односно неисполнување минимални законски услови за работа на банка, при неостварување на преземената обврска од сопствениците за навремено обезбедување на неопходниот капитал за работа на Банката, од сопствени извори или од потенцијален инвеститор којшто ги исполнува законските услови и критериуми за акционер на банка.
Како што веќе имаме истакнато, при остварување на своите законски утврдени цели и задачи, Народната банка се води исклучиво од законите, притоа штитејќи го интересот на граѓаните, се вели во реакцијата.

Претходно, Трифун Костовски, јавно ги повика сите политички партии, сите институции, сите владини, невладини и верски организации, да дадат поддршка Народна банка да ја повлече одлуката за стечај на Еуростандард банка и да ја врати во првобитна состојба.