Напуштено приватно земјиште ќе се дава под наем, осигурувањето ќе биде задолжително


Според измените на Законот за земјоделство, кои треба да се изгласаат во Собранието, и напуштеното земјоделско земјиште кое е во приватна сопственост ќе се дава под наем.

– Во законските измени предвидуваме и напуштеното приватно земјоделско земјиште да имаме право како држава да го дадеме под наем под соодветни услови откако тоа земјиште ќе биде евидентирано дека е напуштено или не се обработува од сопствениците. Целта е да го искористиме целиот потенцијал, сите ресурси и да не оставиме ниту една педа необработена земја – рече Николовски.

Тој појасни дека сопствениците ќе имаат определен период во кој ќе можат да се изјаснат, но не прецизираше на кој начин тоа ќе може да се прави.

Исто така, од 2024 година осигурувањето на земјоделците ќе биде задолжително, затоа што иако државата покрива 60 отсто од осигурителните полиси, се намалува интересот кај земјоделците за осигурување.

Министерот Николовски за ова го впери прстот во осигурителните компании.

– Јасно и недвосмислено кажувам, незадоволни сме од осигурителните компании – рече тој.

Николовски најави дека од 1 јануари 2024 година осигурувањето во земјоделството ќе биде задолжително, со што би требало да се надминат проблемите од климатските непогоди. Во првите три години полисите целосно ќе бидат субвенционирани, за што се преговара за пари од ФАО.