Напаѓачот во Виена бил „неутрализиран“ за девет минути
Министерот за внатрешни работи на Австрија, Карл Нехамер, пред малку на прес-конференција објави дека напаѓачот во Виена бил „неутрализиран“ за девет минути што спречило да се случат многу полоши работи. Сторителот, кој има 20 години, имал двојно државјанство – австриско и македонско – а со себе носел скратен „калашников“, мачета и пиштол. Тој претходно бил осуден за поврзаност со Исламска држава, осуден на 22 месеци затвор, но во декември предвремено ослободен според законот за малолетници.
Извршени 18 претреси по куќи во Виена и Долна Австрија, а 14 лица се уапсени.
Германскиот таблоид „Билд“ објави дека сторителот го најавил злосторството на својот профил на Инстаграм.
„Билд“ пишува и дека осомничениот сторител Кујтим Фејзулаи утрото пред нападот им испратил две снимки на двајца познаници. „Тој потекнуваше од сосема нормално семејство. За мене тоа беше тинејџер што беше доволно несреќен да стекне погрешни пријатели. Да не одеше во џамија, туку на бокс, ќе станеше боксер“, рече виенскиот адвокат за кривична одбрана Николаус Раст во описот на 20-годишното момче. „Никогаш не би помислил дека е можно тој да стане убиец“, рече Раст, кој го застапувал Фејзулаи во Виенскиот регионален суд.