Напаѓачот од Грац планирал да активира импровизирана експлозивна направа


21-годишниот поранешен ученик кој уби 10 лица, вклучувајќи ученици и еден наставник, во неговото поранешно училиште во Австрија пред да си го одземе животот, планирал да активира импровизирана експлозивна направа на местото на настанот, соопшти полицијата.

Безбедносните претставници во средата изјавија дека вооружениот напаѓач направил бомба, но потоа „се откажал од плановите да ја употреби“ во нападот во Грац во вторник. Во проштална порака до своите родители, тој напишал дека дејствувал „по своја слободна волја“.

Младиот човек, кој го напуштил училиштето пред две години без да го заврши, им се извинил на своите родители и постари браќа и сестри, но не открил мотив за нападот, соопштија официјални лица, според Гардијан.

Како што веќе напишавме, земјата прогласи тридневна жалост, а пукањето доведе до ретка демонстрација на солидарност меѓу честопати горчливо поделените политички партии.

Родителите на учениците и соседите на училиштето се борат да се справат со настанот. Стотици се собраа на главниот плоштад во Грац во вторник вечерта за да им се оддадат почит на жртвите. Други оставија цвеќе и запалија свеќи пред училиштето. Десетици луѓе дојдоа да даруваат крв за преживеаните.