Наоми Кемпбел малтретирана на софискиот аеродром, објавија британските медиуми


Наоми, Кан, 2022

Бугарија- Софискиот аеродром почна истрага по објавените текстови во британските медиуми за манекенката Наоми Кемпбел, која се пожали дека ја избрале за претрес на аеродромот во Софија само зашто е црномуреста.

 

„Искрено жалиме за негативните искуства на госпоѓата Кемпбел во Софија. Денеска почнавме целосна истрага за тоа што се случило. Во контакт сме со бугарските гранични власти, кои потврдија дека проверката на патници и багаж е нивна работа и било рутинска процедура. Ги прегледуваме видеоснимките од аеродромот од тој ден и ќе разговараме со службениците за да добиеме целосен увид во случајот“, соопштија од аеродромот.

 

Весникот „Дејли Мејл“ објави дека Кемпбел се пожалила дека ја избрале за претрес на аеродромот во Софија само зашто е црномуреста. Легендарната манекенка сметала дека била дискриминирана на расна основа кога минатиот месец граничните служби ја запреле на аеродромот откако пристигнала во Софија за модно снимање.

 

Извор на весникот откри дека 52-годишната Кембел била видно вознемирена од тоа што се случило на 19 мај. Таа подоцна била снимена како го напуша аеродромот, пред да биде префрлена во хотел. Нејзината портпаролка изјави дека Кембел го одработила тридневниот работен ангажман.

„Наоми беше многу вознемирена. Целата случка ужасно влијаела врз неа“, кажа пријател на супермоделот.

Слично искуство, пред девет години, имаше и најмоќната жена во шоубизнисот, Опра Винфри, на која во Цирих, Швајцарија, продавачка не сакаше да и покаже чанта од 38 илјади евра, „зашто била скапа за неа“.