Наместо за кредитот за ЕСМ пратениците дебатираат за БДП и за синдикалната кошница


 

Задолжувањето на државата, зголемените трошоци на живот, неиздадената еврообврзница, раскинатите договори за проекти и продолжените рокови за спроведување и одговорноста за тоа, плаќање камата за неповлечени средства од кредити, беа дел од темите на денешната дебата во Собранието за Предлог законот за гаранции од државата за задолжувањето на АД Електрани на Северна Македонија во износ од 25 милиони евра за третата фаза од проектот за ревитализација на хидроелектраните.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ најавија поддршка на законот бидејќи со него ќе се овозможи заокружување на проект почнат во време на претходната Влада, но критикуваа дека ЕСМ за неуспешно менаџира со состојбите во енергетиката и не успеало да обезбеди сопствени средства.

Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ упати критики до власта за неповлечените средства од земени кредити иако за нив се плаќа камата.

-Јавноста треба да знае, а и вие колеги од мнозинството, дека според официјалните бројки, голем дел од кредити што се земени не се целосно повлечени. Сме барале одредена сума, половина од парите не се повлечени, а плаќаме камата. За модернизација во земјоделие не се земени 45 милиони евра, а плаќаме камата, за надградба на Ранковце-Крива Паланка 44 милиони евра не се повлечени и се плаќа камата, исто и за локални патишта 22 милиони евра, 14,5 милиони евра за рехабилитација на источното крило на пругата Куманово-Бељаковце, … рече Пренџов, кој ја критикуваше и динамиката на реализација на капиталните проекти.

Реплицирајќи, Ненад Коциќ од СДСМ наведе дека Пренџов малку се осврнал на енергетската состојба во државава и оти опозициската ВМРО-ДПМНЕ за да „зграби“ политички поени изминатиот период неосновано ја лажела јавноста дека ќе нема струја.

-Во 2016 година само 20 проценти од производството било од обновливи извори на енергија, Владата во која бевте учесник толку успеала, а за разлика од тогаш сега околу 40 проценти од производството на енергија во државава е од обновливи извори на енергија. За разлика од 2016 година, кога повеќе од 60 проценти било производство од термоцентрали денеска имаме убедливо најниско производство во историјата од необновливи извори од под 40 проценти, рече Коциќ.

Драгица Ѓовочанова од СДСМ, пак , праша, како ќе се објасни на граѓаните фактот дека постои голема веројатност дека државата ќе треба да плати отштета од 28 милиони евра за раскинат договор во 2016 година на германската компанија која требало да направи ремонт на Блок еден во РЕК Битола.

-Согласно ревизијата на ЕСМ е утврдено дека проектот за модернизација на РЕК Битола, не е реализиран и во периодот од 2011 до датумот на ревизијата лани предизвикал непродуктивни расходи во вкупен износ од 21 милион евра, релчси исто колку треба за овој заем за ревиталзиација. Со една разлика, што најголем дел од овие пари се адвокатски тришоци за застапување пред Меѓународниот суд во париз и трошоци од таа изгубена постапка. Од втората кредитна линија склучена во 2013 година во износ од 24,3 милиони евра со која трбало да се модернизира Блок 1 се искористени нула евра, но затоа за дел од кредитот што не е искористен АД ЕСМ во континуитет плаќа провизија за неповлечените средства, рече Ѓовочанова.

За состојбите во економијата говореше и Дејанчо Ефтимов од ВМРО-ДПМНЕ, со забелешка дека веќе има намалување на проекциите за економскиот раст на државава.

-ЕБОР ја намали проекцијата за БДП на два процента. На завршување на првиот квартал од годинава веќе ни ги намалаваат проекциите бидејќи не се води здрава финансиска политика, рече Ефтимов, потенцирајќи дека во такви услови Владата планира задолжување од 1,66 милијада евра.

Сопартијката на Ефтимов Дафина Стојановска, пак, оцени дека цената на храната не се намалува и покрај сите владини мерки. Мерките како субвенционираната струја за прехранбената индустрија ги оквалификува како залудни, доколку, како што рече, нема кој да ја контролира примената и евентуално да санкционира.

-Минималната синдикалната кошница за јануари стаса до 50.790 денари што е апсолутно неиздржливо за граѓаните имајќи го предвид и и задоцнетата исплата на платите во здравството и боледувањата заради хакерскиот напад. Минатата година ја завршивме со јавен долг од 7,7 милијарди евра, историски највкисок долг досега,а пострашно е што се планира годинава задолжувањето да биде над 1,6 милијарди евра, рече Стојановска.

Со Предлог законот за гаранција од државата на задолжувањето на АД ЕСМ ќе се овозможи државата компанија да добие заем од 25 милиони евра од Кредитната банка за обнова – КФВ. За проектот се потребни вкупно 36,2 милиони евра, од кои 11,2 милиони евра се ВБИФ инвестициски грант.

Рокот на отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период од пет години. Каматната стапка ќе се утврдува одделно за секоја транша од заемот при нејзино повлекување. При повлекување на секоја наредна транша се пресметува пондерирана просечна каматна стапка и истата ќе се применува на повлечениот износ од заемот. Заемот ќе се отплаќа во полугодишни рати кои пристигнуваат за плаќање на 30 јуни и 30 декември.

Преку Програмата за обновлива енергија ЕСМ – Компонента I се спроведува ревитализација на хидроелектраните Вруток, Врбен, Равен, Тиквеш, Шпилје, Глобочица, Козјак и Св.Петка. Вкупно се потребни 36,2 милиони евра, а покрај заемот од 25 милиони евра, обезбедени се и 11,2 милиони евра ВБИФ инвестициски грант.

Со ревитализацијата се очекува да се добие зголемување на инсталираната моќност од минимум 13,5 мегавати и зголемено производство на електрична енергија од околу 47,5 гигават часови годишно, намалени трошоци за одржување, зголемена доверливост и стабилност на системот за снабдување со електрична енергија.

Дебатата за Предлог законот ќе продолжи по редовната пауза на пратениците.