Најмалку тројца платеници од Сирија убиени во Нагорно Карабах
Многу Сиријци од опозициските упоришта преку турски безбедносни компании заминуваат да се борат на страната на Азербејџан
Најмалку тројца сириски опозициски борци се убиени во престрелки во спорниот регион НагорноКарабах, дознава „Гардијан“, потврдувајќи ги претходните извештаи за странско учество во војната меѓу Ерменија и Азербејџан за оваа територија и зголемените стравувања дека тоа може да се претвори во поширок регионален конфликт.
Додека жестоката борба меѓу ерменските и азербејџанските сили тече веќе четврти ден, присуството на Сиријци на теренот – за кои се верува дека се контрактори кои работат во турски безбедносни компании – сигнализираше ново поместување за сѐ понаметливата надворешна политика на Анкара.
Турската интервенција во спорот што странските сили традиционално се обидуваа да го ограничат е нов опасен фактор што се заканува да ги направи борбите таму подолги и покрвави, велат аналитичарите.
Исто така, тоа претставува ризик да привлече и други регионални актери – отворање на трет театар во борбата за моќ на Турција со Русија, со тоа што ривалите веќе ги поддржуваа спротивните страни во конфликтите во Сирија и Либија, а истовремено ѕвонат и алармите во соседен Иран.
Турција ја објави својата категорична поддршка за Азербејџан, додека Русија има воен сојуз со Ерменија, но има врски и продава оружје на обете страни. Турција се граничи со Ерменија, а Русија се граничи со Азербејџан.
Во судирите во средата, Ерменија го обвини Азербејџан за употреба на силна артилерија низ целата линија на фронтот и убиство на тројца цивили во градот Мартакерт. Азербејџан, кој тврди дека 14 нејзини цивили починале од неделата, соопшти дека одбил неколку ерменски контранапади. Не беше можно независно да се проверат тврдењата на двете страни.
Турција и Азербејџан негираа дека Сиријците се борат во Нагорно Карабах и ја обвинија Ерменија за распоредување мажи од курдски милитантни групи, но не понудија доказ.
Неколку луѓе во последното сириско опозициско упориште на провинцијата Идлиб оваа недела за „Гардијан“ изјавија дека воените команданти и брокери им понудиле да работат на стражарски места на нафтени и гасни постројки во Азербејџан со три или шестмесечни договори за 7.000-10.000 турски лири (700-1.000 фунти) месечно – релативно големи суми пари кои можат да им помогнат да избегаат од сиромаштијата во Сирија.
Додека ОН и поголемиот дел од меѓународната заедница повикаа на продолжување на мировните преговори, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган има различен тон, ветувајќи целосна поддршка на неговата земја за Баку против, како што рече, „ерменската агресија“.
Москва се чини дека ги одмерува своите опции, повикувајќи на воздржаност и мирно решавање.
„Ги повикуваме сите земји, особено нашите партнери, како што е Турција, да направат сè за да ги убедат спротивставените страни да престанат со огнот и да се вратат на мирно решавање на конфликтот со политички-дипломатски средства“, рече во вторникот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Францускиот претседател, Емануел Макрон, веќе има расправии со неговиот турски колега во спорот околу правата за дупчење нафта и гас на истокот на Средоземното Море и во средата рече: „Франција останува крајно загрижена од воинствените пораки што Турција ги имаше во последните часови, кои суштински отстрануваат каква било инхибиција на Азербејџан за повторното освојување на Нагорно Карабах. И ние тоа нема да го прифатиме“.
Со распоредувањето на Сиријците, Турција може да се обиде да ја повтори стратегијата што добро функционираше во Либија на почетокот на оваа година. Анкара го олесни пристигнувањето на најмалку 10.000 Сиријци на боиштата во северноафриканската држава, помагајќи да се сврти бранот на војната во корист на владата поддржана од ОН и да бидат потиснати силите на одметнатиот генерал Калифа Хафтар. (Гардијан)