Најмалку 51 лице загина – соопшти Тошковски

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски објави детали за страшната трагедија во Кочани и притоа соопшти дека бројката на загинати изнеснува најмалку 51 лице.
Тошковски рече дека според првите информации, пожарот настанал од искри, кои потоа го зафатиле таванот кој бил од лесно запалива материја. Министерот вели дека се приведени лица.
Тој ги посочи исто така причините за пожарот, односно употребата на пиротехнички средства за светлосен ефект. Тие го зафатиле таванот кој бил лесно запалив и се проширил за кратко време создавајќи густ чад. Служби за гасење пожари и медицински возила стигнале за кратко време, а повредените биле пренесени низ повеќе градови. Според него, повеќе од 100 лица се сместени во болници.
МВР ги испитува елементите за одговорност за оваа трагедија.
На прашањето дали организаторите имале дозвола во таа објект да функционира дискотека, Тошкоски рече дека се постапува со Јавното обвинителството, уверувајќи ја јавноста дека во овој случај ќе се утврди точната одговорност. Не сакаше да соопшти притоа колку лица се приведени бидејќи најпрво според него треба да се утврдат сите факти и околности. Дали на удар ќе се најде и општината, која издава дозволи за вакви објекти, тој рече да се почека на истрагата но дека секој за кој ќе се утврди одговорност за несреќата ќе одговара.
Преку оперативниот штаб отворен утрово е дадено упатство до сите болници да ги известат семејствата, кои сега очајно ги бараат децата на социјалните мрежи. Тој не сакаше да одговори подетално дали меѓу нив има малолетни, најавувајќи дека сепак сите информации ќе бидат споделени.
Според Тошковски, дел од лицата што се организатори се приведени и се разговара со нив, но дел се и меѓу повредени. На прашањето дали тој лично и Владата чувствуваат морална одговорност за несреќата тој рече дека секој треба да чувствува, не само луѓето што се моментално и што биле претходно во Владата, функционерите во изминатите одговорности и сите други што можеле да влијаат.
„Дозволете да си ја сработиме работата, дозволете да не шпекулираме“, реагираше Тошкоски на прашањето дали и преставниците на општината ќе одговараат за трагедијата.