Најмалку 18 загинати во два напада во Колумбија на дисиденти од ФАРК

Најмалку 18 лица се убиени, а повеќе од 70 повредени вчера во два напада во Колумбија, кои им се припишуваат на различни дисидентски фракции на поранешната герилска група ФАРК, соопштија властите.
Во Кали, третиот најнаселен град во земјата, камион-бомба експлодираше во близина на колумбиска воздухопловна база. Во нападот загинаа шест лица, а 71 се повредени, соопшти канцеларијата на градоначалникот.
Неколку часа претходно, хеликоптер „Блек Хок“ УХ-60 на Националната полиција, кој учествуваше во операција за уништување на посевите со кока, беше соборен во општината Амалфи, во департманот Антиокија, при што загинаа 12 полицајци.
Колумбискиот претседател Густаво Петро ги обвини за нападите дисидентските фракции на поранешната герилска група Револуционерни вооружени сили на Колумбија (ФАРК) кои го отфрлија мировниот договор од 2016 година за ставање крај на долготрајниот внатрешен конфликт во кој загинаа повеќе од 450.000 луѓе.