Најгламурозна ноќ во Монако: „Бал на ружите“ на француска ривиера
Монако – Илјада гости од светскиот џет-сет кои платија по 800 долари влезница уживаа во ривиерата на Монако, вчера, во спортскиот комплекс во Монте Карло на најгламурозната ноќ на монденското кнежество- „Бал на ружиите“ кој во 1954 година го востанови принцезата Грејс Кели, американска актерка која се омажи за принцот Рение Трети. Оттогаш е традиција, а собраните пари одат во фондацијата под нејзино име.
На забавата која ја дизајнираше големиот и славен дизајнер Карл Лагерфелд (пред да почине во февруари) повторно блеснаа членовите на најгламурозното кралско семејство во светот.
Домаќини беа принцот Алберт и неговата сестра принцезата Каролина. Евидентно беше отсуството на втората сестра Стефани и принцезата Шарлин, сопругата на принцот Алберт и нивните четиригодишни близнаци.
Принцезата Каролина која му беше муза на Лагерфелд, и овој пат облече тоалета на „Шанел“ збогатена со скапоцен ѓердан од бисери на „Ван Клиф и Арпелс“, подарок на нејзиниот татко принцот Рение за нејзината мајка, принцезата Грејс. Нејзината ќерка, принцезата Шарлот беше во тоалета на Ив Сен-Лоран.
Балот, со своето присуство го збогатија и братот на Шарлот, Пјер Касираги, со сопругата Беатриче Боромео, и брат му Андреа со сопругата Татјана Доминго.
Уважените гости, според концептот на Лагерфелд, уживаа на „француската ривиера“: се фотографираа пред репликата на „Хотел де Пари“, ги пробаа специјалитетите на масата уредена со реплики од најважните згради во Монако, а гостите танцуваа на подиум, замислен како базен од кој излегува убава пливачка.
Балот го носи името на ружите, најомиленото цвеќе на принцезата Грејс, и секоја година ги има по 25 илјади како декорација за балот.