Најбогатите луѓе лани заработија рекордни 2,2 илјади милијарди долари, еве кој профитираше најмногу
Невладината организација „Оксфам“ пресмета дека парите што ги заработија најбогатите луѓе за една година би биле доволни за да се извлечат 3,8 милијарди луѓе од сиромаштија
Петстотини најбогати луѓе во светот станаа побогати за рекордни 2,2 билиони долари (2,2 илјади милијарди) во 2025 година, со што нивниот вкупен имот достигна неверојатни 11,9 билиони долари. Податоците доаѓаат од индексот на милијардери на Блумберг, а главните двигатели на растот се изборната победа на Доналд Трамп во 2024 година и силниот раст на пазарите на криптовалути, акции и метали, пишува Гардијан.
Интересно е што околу една четвртина од вкупниот раст отиде кај само осум милијардери, вклучувајќи ги Илон Маск, Џеф Безос, извршниот директор на Оракл, Лари Елисон и коосновачот на Алфабет, Лари Пејџ. Сепак, растот на богатството во 2024 година беше уште поконцентриран, кога истите осум лица учествуваа со дури 43% во вкупното зголемување на имотот на 500-те најбогати.
Лари Елисон го зголеми своето богатство за 57,7 милијарди долари во 2025 година, достигнувајќи вкупна вредност од 249,8 милијарди долари. Апсолутен рекордер е Илон Маск, чија нето вредност скокна за неверојатни 190,3 милијарди долари, на вкупно 622,7 милијарди долари.
Значителен раст забележа и австралиската милијардерка Џина Рајнхарт, чие богатство речиси се зголеми тројно, од 12,6 на 37,7 милијарди долари, првенствено благодарение на инвестициите во ретки метали.
Додека повеќето од најбогатите забележаа раст, имаше и такви чие богатство се намали. Најголем губитник беше филипинскиот милијардер Мануел Вилар, кој изгуби 12,6 милијарди долари.
Неговото богатство падна на 10 милијарди долари откако акциите на неговата компанија за недвижности, „Голден МВ Холдингс Инк“, потонаа за дури 80% по завршувањето на шестмесечната суспензија на тргувањето.
Невладината организација „Оксфам“ ги стави овие бројки во контекст, истакнувајќи дека 2,2 билиони долари што ги заработија најбогатите луѓе за една година би биле доволни за да се извлечат 3,8 милијарди луѓе од сиромаштија.
Меѓународниот извршен директор на „Оксфам“, Амитаб Бехар, рече дека бројките ја откриваат длабочината на глобалната нееднаквост.
„Нееднаквоста е намерен политички избор. И покрај рекордното богатство на врвот, јавното богатство стагнира, дури и опаѓа, а должничката криза расте“, рече тој во соопштението.