Најбогатиот човек во светот ја тужи американската влада


Џеф Безос и неговите компании можат да се пофалат дека можат да ја добијат секоја работа, но една се чини дека се оддалечува – станува збор за договор од 2,9 милијарди долари со НАСА за слетување на Месечината за вселенската компанија „Блу ориџин“ (Blue Origin) на Безос. Овој договор беше доделен на конкурентската компанија „Спејс икс“ (SpaceX) на Илон Маск, што го налути Безос и го поттикна да поднесе тужба против американската влада поради одлуката на НАСА.

„Блу ориџин“ соопшти дека нејзината тужба, поднесена во петокот до Федералниот суд на Соединетите Држави е „обид да се решат недостатоците во процесот на набавки, откриени во системот на НАСА за слетување на луѓе на Месечината“, објави Ројтерс.

Се додава дека веруваат дека „прашањата идентификувани во оваа набавка и нејзините резултати мора да се решат со цел да се врати правичноста, да се создаде конкуренција и да се обезбеди сигурно враќање на Месечината за Америка“.

Минатиот месец, владината канцеларија за отчетност (ГАО) застана на страната на Националната аеронаутичка и вселенска администрација поради одлуката да избере еден снабдувач на лунарни летала, отфрлајќи го приговорот на „Блу ориџин“.

НАСА мора да одговори на тужбата до 12 октомври.

„Блу ориџин“ и воениот гигант Dynetics тврдеа дека НАСА треба да додели повеќе договори, но ГАО оцени дека „нема основани аргументи дека НАСА постапила неправилно со доделување на еден договор на SpaceX“.

„Блу ориџин“, ракетна компанија основана од милијардерот и основач на Амазон, Безос, соопшти претходно дека останува убедена дека има „фундаментални проблеми“ со одлуката на НАСА и дека ГАО не е во состојба да ги реши „поради нивната ограничена надлежност“.

Компанијата најави дека ќе продолжи да се залага за два директни провајдери, бидејќи смета дека ова е вистинското решение.

НАСА, која веднаш не ја коментираше тужбата на „Блу оригин“, во јули соопшти дека „одлуката на ГАО ќе им овозможи на НАСА и Спејс икс да воспостават временска рамка за првото слетување на екипаж на Месечината во повеќе од 50 години“.

Ројтерс потсетува дека НАСА бараше предлози за вселенско летало за носење астронаути на површината на Месечината во рамките на својата програма Артемида, за да ги врати луѓето на Месечината за прв пат од 1972 година.

Во април, додели договор на SpaceX за изградба на такво вселенско летало до 2024 година.

„Блу ориџин“ тврдеше дека НАСА му дала неправедна предност на „Спеј икс“ дозволувајќи му да ги преиспита своите цени.

Безос понуди да покрие до 2 милијарди долари на трошоците на НАСА, доколку американската вселенска агенција додели договор за слетување на Месечината на „Блу ориџин“.