Над илјада бизниси се уште забранети поради короната
Над 1.000 субјекти од дејности како игротеки, ресторани за свадби, клубови се уште немаат дозвола да работат, а Сојузот на стопански комори на Македонија од државата побара да продолжи да ги субвенционира платите на вработените од овој сектор.
Од комората алармираат дека овие дејности се уште се принудно затворени, а Владата нема слух за побргу да ги донесе потребните протоколи за тие да можат независно да функционираат.
„Пред пропаѓање во исклучително тешка состојба се претпријатијата од секторот услуги кои како резултат на владината Уредба се уште се принудно затворени и не се во можност да ја остваруваат својата дејност, велат од Сојузот на стопански комори.
Дополнително нивната неизвесност е голема со оглед на тоа што за нив воопшто не се донесени протоколи за почеток со работа, за разлика од целиот свет каде за сите дејности има утврдени правила за вршење на дејност. Овие сектори се принудно затворени немаат никакви приходи и иако се уште им се генерираат трошоци за плати, наемнини и режиски трошоци за нив веќе со месеци нема никаква финансиска поддршка.
Станува збор за над 1000 субјекти со дејност игротеки, приватни установи за едукација и грижа на деца, објекти за организирани настани како свадби, родендени, крштевки, како и други семејни веселби, кои веќе шести месец не остваруваат никаков приход и финансиски не можат да опстојат во кризата, се вели во соопштението“, велат од комората.
Доколку државата нема намера за брзо време да ги одобри протоколите, тогаш од таму бараат на овие претпријатија да продолжат да им се субвенционираат платите за сите досегашни и идни месеци додека се принудно затворени од институциите, во износ на минималната бруто плата, а во споротивно се најавува протест.
Се бара и одложување на обврските за плаќање на сметки за комунални услуги, ослободување од плаќање на данок на добивка и персонален данок на доход, плаќање на данок на имот за месеците за кои принудно не вршат дејност, мораториум со репрограм за кредитните обврски спрема банките до крајот на годината и еднократна парична помош за секој објект.
„Со формирање на новата Влада, претпријатијата од овие дејности очекуваат во најкраток можен рок да се реши моменталната состојба, во спротивно својот револт ќе го истакнат на протест. Да се затворат принудно со месеци без услови со кои ќе можат да ја преживеат кризата е нечовечки и помош или деблокада се единствениот излез“, додаваат од ССКМ.