Над 350 загинати и 366 исчезнати во поплавите и свлечиштата во Шри Ланка


Најмалку 355 лица загинаа, а уште 366 луѓе се водат како исчезнати во досега најлошите свлечишта и поплави во историјата на Шри Ланка, додека операциите за пребарување и спасување траат веќе четири дена откако почна катастрофата, соопшти денеска Центарот за управување со катастрофи (DMC).

Бројот на загинати се зголеми, бидејќи тимовите за пребарување влегоа во области кои претходно беа недостапни, при што извадија повеќе тела и пронајдоа голем број закопани куќи.

Најтешко погодени области се централните региони Канди, Нувара Елија и Бадула, каде што се пријавени повеќе од 100 свлечишта.

Поплавните води се повлекуваат, но пријавени се неколку нови свлечишта.

Во меѓувреме, хеликоптер на воздухопловните сили на Шри Ланка, кој учествуваше во спасувачка операција, синоќа се урна при што загина пилотот, а четворица други беа повредени во северозападниот дел на земјата.

– Како земја, се соочуваме со најголемата и најпредизвикувачката природна катастрофа во нашата историја. Исто така, признаваме дека она што го преземаме е најтешката спасувачка операција во историјата на нашата нација, рече претседателот Анура Кумара Дисанајаке во обраќање до нацијата.

Повеќе од 1 милион луѓе се погодени од поплавите и свлечиштата предизвикани од поројните дождови од циклонот Дитвах, кој влезе во земјата во четвртокот и се придвижи кон Јужна Индија во саботата.

Уништени се патишта, мостови, куќи и електрични водови, што е тежок удар за земјата која закрепнува од економската криза во 2022 година што доведе до прогласување банкрот.