Над 15 години по приемот укинат мониторингот врз Бугарија и Романија од страна на ЕУ


 
Европската комисија  денеска официјално го заврши мониторингот над Бугарија и Романија. Одлуката ја соопштија Европската комисија и министерствата за правда и надворешни работи во Софија. Тоа значи дека двете земји постигнале значителен напредок во исполнувањето на обврските што ги презедоа пред да влезат во Европската унија во 2007 година и дека задоволително ги исполниле критериумите на Механизмот за соработка и верификација.
 Двете земји ќе продолжат да се оценуваат во рамките на годишниот циклус на Извештајот за владеење на правото, кој е применлив и за сите други земји-членки на Европската унија. Извештајот има поширок опфат од мониторингот.
 
Дополнително, Бугарија презеде конкретни обврски -реформа на спроведувањето на правдата и на рамката за борба против корупцијата, според Планот за закрепнување и одржливост.
 
Владите или парламентите на другите 26 земји во ЕУ, како и Советот на ЕУ и Европскиот парламент немаат никаква врска со прекинот на мониторингот. Ова е исклучива надлежност на Европската комисија.  Последниот извештај за напредокот на Бугарија во рамките на механизмот беше од 2019 година. Сепак, механизмот за следење остана, а во следните години експертите забележаа проблеми поврзани со обвинителството, недостаток на напредок во истрагите за корупција и други проблеми. 
 
 Претседателката Урсула фон дер Лајен рече: „Би сакала да им честитам на Бугарија и Романија за значителниот напредок постигнат од нивното пристапување во ЕУ досега. Владеењето на правото е една од нашите основни заеднички вредности како унија и двете земји-членки постигнаа резултати во важни реформи последниве години. Денеска известуваме за овие напори, ставајќи крај на мониторингот. Работата сега може да продолжи во рамките на годишниот циклус на ревизија на владеењето на правото, како и за сите други земји-членки.“
 
Премиерот Николај Денков порача дека е „отстранета  уште една бариера за да бидеме рамноправни со другите земји од Европската унија во секој поглед. Наскоро мора да ги отстраниме и другите – да бидеме прифатени во Шенген и да се приклучиме на еврозоната“.