Над 140 фирми зеле кредити и не ги враќале во Еуростандард банка


Фото: Б. Грданоски

Во извештајот на стечајниот управник Душко Тодевски набројани се 149 фирми кои зеле кредити од Еуростандард банка  кои не платиле ниту една рата или доцнеле со плаќање . Вкупната вредност на тие кредити изнесува 55 милиони евра.

Меѓу другите, регистрирани се: Екопластик рисајклинг доо од Скопје (доцни со исплата 803 дена), Југотрејдинг ДН дооел од Струмица (доцни со исплата 363 дена), Багкоп (доцни со исплата 438 дена), Повардарие шпедиција доо од Неготино (доцни со исплата 864 дена), Ено-Мак дооел од Скопје (доцни со исплата 742 дена), Агромел БВ дооел од Струмица (доцни со исплата 985 дена), Електро-спој дооел од Скопје (доцни со исплата 923 дена) и други.

Има и околу 60 фирми чиишто земени кредити се покриени единствено со меници како обезбедување, а има и кредити кои немаат никакво обезбедување: Атв Зеус (доцни со исплата 409 дена), Тете-ем дооел (доцни со исплата 438 дена), Пинк флај дооел од Струмица (доцни со исплата 438 дена), Јанев Трејд дооел од Струмица (доцни со исплата 438 дена), Зои пер компани дооел од Скопје (доцни со исплата 347 дена), Фероспектар (доцни со исплата 279 дена), Бартон дооел од Кавадарци (доцни со исплата 742 дена), Фероцем плус дооел од Струмица (доцни со исплата 348 дена), ТП Конта план ХТЦ од Струмица (доцни со исплата 742 дена), Балкан метал дооел од Скопје (доцни со исплата 530 дена), ТРД ТВ-Канал Вис од Струмица (доцни со исплата 620 дена)… Тука се и фирмите Вадрамини инженеринг од Струмица, која добила 600 илјади евра кредит со обезбедување со недвижен имот од околу 33 илјади евра (само 5 отсто од вредноста на кредитот), а фирмата не изврши ниту едно плаќање на рата повеќе од 2 години, и фирмата Феро центар дооел од Скопје на која ѝ бил доделен кредит од околу 2,5 милиони евра, за кој нема платено ниту една рата цели 530 дена, а фирмата како обезбедување има поднесено единствено меница.

Во банката околу 2.000 фирми ги изгубија своите депозити, останаа заробени во банката, а сите овие фирми се законски должни да работат единствено преку банкарскиот систем. Се заедно, директно се погодени повеќе од 2.700 семејства и уште најмалку 12.000 семејства на вработените во ограбените фирми.

Здружението на оштетени штедачи на „Еуростандард банка“, повикувајќи се на извештајот од стечајниот управник, преку соопштение информира дека обезбедувањето на кредитите било далеку под износот на кредитот што им бил даван на компаниите.

– Ниту една од овие фирми немала платено ниту една рата, а доцнеле со плаќање од неколку стотини до преку 1.300 денови. Земени кредити во стотици илјади до милионски суми во евра. Тоа што е најстрашно е обезбедувањето кај овие фирми. Имено, најголем број од нив имаат обезбедување во станбен и деловен простор, опрема, моторни возила, залог на трговска стока или земјоделско земјиште чиишто проценети вредности најчесто се движат од 5 до 50 отсто од износот на кредитот, се наведува во соопштението.

Кредитите на околу 60 фирми, како што се посочува во соопштението, бил покриени само со меници.Вината за ова, според здружението на оштетени штедачи, е во раководните лица на банката и во Народната банка.

– Резултатот од таквото однесување е познат денес. Во сред пандемија, голема здравствена и економска криза, криминалците од банката помогнати од замижувањето и неделувањето на Народна банка за време на нејзините вршени контроли почнувајќи од 2013 година па наваму, не оставија без нашиот личен капитал, имот, сигурност, здравје, живот, сегашност и иднина, се вели во соопштението и се додава дека се работи за над 700 физички лица кои загубиле повеќе од 24 милиони евра.