Националистот Карол Навроцки победи на претседателските избори во Полска

Десничарот Навроцки, подржан од партијата Прави и правда и американскиот претседател Трамп, го победи градоначалникот на Варшава, Рафал Тржасковски, со 50,89 наспроти 49,11 проценти


Карол Навроцки вечерта по гласањето во неговиот изборен штаб

 

Десничарскиот кандидат Карол Навроцки тесно го победи центристот Рафал Тржасковски во вториот круг од претседателските избори во Полска, освојувајќи 50,89 проценти од гласовите наспроти 49,11 проценти, според изборната комисија.

Резултатот беше драматичен пресврт од првичната излезна анкета објавена веднаш по завршувањето на гласањето во 21 часот. Во таа анкета, која имаше маргина на грешка од 2 процентни поени, Тржасковски имаше 50,3 проценти во споредба со 49,7 проценти за Навроцки. Излезноста беше 71,6 проценти.

И покрај раната неизвесност, Навроцки инсистираше дека ќе победи. „Ќе победиме вечерва“, рече тој додека неговите поддржувачи скандираа: „Карол Навроцки, претседателот на Полска“.

Навроцки, поддржан од националистичката партија Право и правда (ПиС), а исто така и од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, има за цел да ја одвлече Полска од европскиот мејнстрим во попопулистичка насока.

Победата на Навроцки претставува значаен удар за владата на Туск. Многу од неговите законодавни напори беа блокирани од актуелниот претседател Анджеј Дуда, кој е поврзан со ПиС, и тоа веројатно ќе продолжи и под водство на Навроцки.

Во својот говор веднаш по затворањето на гласачките места, кога резултатот сè уште беше во прашање, Навроцки рече: „Ќе ја спасиме Полска, нема да дозволиме моќта на Доналд Туск да биде целосна“.

„Претседателството на Навроцки значи конфликт на високо ниво меѓу претседателот и Туск“, рече Јоана Савицка, политички аналитичар во Политика Инсајт, тинк-тенк со седиште во Варшава. „Но, јасно е дека ќе биде тешко за владата да спроведе клучни реформи бидејќи претседателот може да стави вето на повеќето од нив“.

Полското претседателство е во голема мера церемонијална функција, а владата е задолжена за надворешната политика, но претседателот може да стави вето на законите или да ги испрати на судска ревизија. Коалицијата предводена од Туск нема гласови во парламентот за да го поништи тоа (потребни се 60 отсто), па затоа претседателот Навроцки ќе му го отежни управувањето на премиерот.

„Опозицискиот табор, сега предводен од Навроцки, може да се стреми и кон предвремени парламентарни избори, иако не е јасно дали оваа стратегија би можела да успее. Ако не, промената на власта е веројатна во 2027 година“, додаде Савицка.

Навроцки се бореше со низа откритија за неговото минато, вклучувајќи обвинувања дека помогнал во организирањето проститутки за гостите на луксузен хотел додека работел како обезбедувач, дека учествувал во тепачки како фудбалски хулиган и дека стекнал стан од пензионер под сомнителни околности.

Конзервативните гласачи силно го поддржаа Навроцки, загрижени за либералниот успех на Тржасковски како градоначалник на Варшава, каде што ги поддржуваше ЛГБТК+ правата и не беше во чекор со моќната хиерархија на Римокатоличката црква.

Навроцки се кандидираше програмата за да ја направи Полска „нормална“, навестувајќи силно дека ќе се бори против федералистичките тенденции на ЕУ, ќе се спротивстави на политиката за климата, ќе ги торпедира обидите да им се дадат повеќе права на ЛГБТК+ луѓето или да се олабават строгите права за абортус во Полска.

Тој, исто така, вети дека ќе го блокира обидот на Украина да се приклучи на НАТО.

Тесниот резултат од изборите ги покажува длабоките политички поделби во Полска – поделбата помеѓу полибералните градови и конзервативните помали градови и села, помеѓу оние кои ја поддржуваат ЕУ и оние кои се залагаат за силна националистичка земја, и помеѓу либералите и луѓето кои се придржуваат кон традиционалните вредности и силната улога на Римокатоличката црква.

Тие поделби не се ништо ново.

Во 2020 година, Дуда го победи Тржасковски за претседателските избори со 51 процент наспроти 49 проценти. (Политико)