На распит во СПАК градоначалникот на Тирана Ерион Велиај
Градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, денеска беше во Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција, кое против него води истрага „за пасивна корупција “.
Според албанските медиуми Велиај по сослушувањето кое траело пет часа, на излегување од обвинителството избегнал да даде изјава.
-За разлика од пролетта, кога се задржа повеќе од 7 часа, за случајот со инценераторот во Тирана, и излезе насмеан, застанувајќи за да даде кратка изјава, денеска видно нерасположен, избегна да даде изјава, велејќи дека ќе зборува на седницата на Советот на општината во попладневните часови, и веднаш замина, објави Ора њуз.
По налог на СПАК агенти на Националното биро за истраги на шести овој месец вршеа претрес во неговиот дом, при што го одзеле телефонот на неговата сопруга Ајола Џоџа, како и во седиштето на галеријата „Харабел“ во Тирана, чиј директор е таа.
Во реакција на социјалните мрежи тогаш напиша дека ги „поздравува и ги поддржува процедуралните чекори што ги презема Специјалното обвинителство во врска со овој случај“.
Деновиве во Обвинителството беше и неговата сопруга, како и неговиот брат а потекло на имот се испитува и за други членови на нивните семејства.
Според Обвинителството, од досегашните истраги „утврдено е дека има конкретни податоци дека блиски членови на семејството и други роднини блиски до градоначалникот на Тирана добивале незаконски бенефиции преку повеќе фирми и физички лица.