На продажба е оригиналниот Ford GT40 од 1966 година – се тркал на Ле Ман
Еден од осумте историски примероци на моделот Ford GT40, кој учествувал на трката 24 часа Ле Ман во 1966 година, ќе биде продаден на аукција.
Станува збор за моделот Ford GT40 MkII, чија цена се проценува до 11 милиони долари. Автомобилот, со број на шасија P/1032, првично бил испорачан на Шелби Американ кон крајот на 1965 година, необоен, а следела подготовка за трка. Автомобилот го имал своето деби во мотоспортот на 12 часа Себринг во 1966 година, управуван од Волт Хансген и Марк Доноху. Тие се квалификуваа како четврти и се бореа против силните конкуренти, вклучувајќи ги и другите модели на Ford GT40, пет Ферари и 10 Поршеа. По 12 часа трки, P/1032 ја помина целта трет, но беше промовиран на втор по дисквалификацијата на Ден Гарни.
Истата година, GT40 беше еден од осумте што учествуваа на трката 24 часа Ле Ман. Овој пат возачи беа Марк Доноху и Пол Хокинс, болидот стартуваше на 11-то место, но мораше да се повлече од трката поради проблеми со менувачот. После тоа, беше изложен на саемите за автомобили во Париз, Женева и Монца, а потоа беше вратен во САД во 1967 година. Малку подоцна, беше дониран на поранешниот сопственик на Музејот за мотори во Индијанаполис, а беше реставриран во средината на 2000-тите. Дури и денес е украсен со истата боја што ја имал на Ле Ман во 1966 година и е во возна состојба.
Ford GT40 ќе се продава на аукција во Мајами на крајот на февруари, а RM Sotheby’s проценува дека новиот сопственик ќе издвои меѓу 8 и 11 милиони долари.