На јавна аукција одат 558 сопствени акции од Комерцијална банка – ќе има наддавање за цената

Почетната минимална цена по која ќе се понудат акциите за продажба е просечната пазарна цена на акциите постигната во последните 12 месеци пред донесување на Одлуката за продажба


Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски

Пред Нова година ќе биде познато кога ќе се продаваат 558 сопствени акции од Комерцијална банка по пат на јавна аукција, што пак ќе повлече наддавање за цената од страна на пријавените потенцијални купувачи. Комерцијална банка вчера извести дека на 29 декември ќе ги објави сите детали поврзани со јавното наддавање, што значи тогаш ќе биде познат датумот на аукцијата, како и постапката за пријавување од страна на заинтересираните купувачи.

Акцијата на Комерцијална банка е една од најтргуваните, најликвидните и најатрактивните акции на Македонската берза, така што продажбата на 558 сопствени акции од страна на Банката е новитет само поради начинот на кој ќе се продаваат и купуваат акциите од најголемата македонска банка.

За таа цел, Комерцијална банка, согласно Правилата за тргување на Македонската берза, најави дека ќе има јавна понуда за продажба, кога со покана за запишување и уплата ќе ги повика сите заинтересирани правни и физички лица да земат учество.
Како што објави Банката на својата веб-страница, станува збор за сопствени акции стекнати врз основа на правосилна судска одлука за намирување на побарување од должник во стечајна постапка – фирмата АДМС Дијос ДОО Маркетинг Струмица во стечај. Законот за банки налага Банката да ги отуѓи стекнатите акции, односно да ги продаде во рок од 1 година од нивното стекнување бидејќи во спротивно ќе треба да ги поништи.

Одобрение за оваа јавна аукција издаде и Комисијата за хартии на вредност, при што продажбата на сопствените акции ќе се реализира согласно моделот на одредување минимална цена, со давање приоритет на налози со повисока цена, помала количина и порано време на внес на налог. Јавната понуда ќе се смета за успешна ако во предвидениот рок од 30 календарски дена од денот на започнување на продажбата се продадат најмалку 60% од понудените сопствени акции.

Почетната минимална цена по која ќе се понудат акциите за продажба е просечната пазарна цена на акциите постигната во последните 12 месеци пред донесување на Одлуката за продажба. Оваа Одлука, пак, е донесена од страна на Собранието на акционери на Комерцијална банка од 3 април 2025 година.

Имајќи предвид дека актуелната пазарна цена на Комерцијална банка е над 27.000 денари, очекувано е и на јавната продажба да се постигне цена што ќе ја одрази пазарната вредност на акцијата на Банката.