На изборите во Бугарија сите загубија пратеници, вклучително и ГЕРБ


 

Иако освои повеќе гласови отколку на предвремените избори во јуни, партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов, освои помалку пратеници. Според пребројаните 99,71 отсто од избирачките места, за ГЕРБ гласале 26,4 отсто од граѓаните. Тоа на партијата на Борисов ѝ носи 66 пратенички места во парламентот кој брои 240.

На изборите во јуни за ГЕРБ гласаа 24 отсто, но поради распоредот на оние што влегоа во парламентот (седум политички групации), партијата на Борисов имаше 68 пратеници.

Но не загуби само ГЕРБ, загубија речиси сите партии. Така, коалицијата ПП-ДБ има 36 пратеници (три помалку од јуни годинава), иако и нејзиниот резултат во проценти е подобар. Загуби и националистичката Преродба: сега таа има 34 пратеници, а во јуни имаше 38.

Партијата на етничките Турци (ДПС), која се подели на крилото на олигархот Дељан Пеевски и на она на основачот Ахмет Доган, заедно има 46 пратеници (еден помалку од јуни). Крилото на Пеевски освои 28, а на Доган 18 пратеници.

Бугарската социјалистичка партија го повтори резултатот од јуни и тогаш и сега ќе има 19 пратеници, иако сега има поголем процент во освоени гласови.

Единствената партија која го подобрила својот резултат од јуни е Има таков народ, која сега има 17, наспроти 16 пратеници.

Прераспределбата на овие мандати што се загубени одат кон двете нови националистички партии. Првата, величие се појави на изборите во јуни и освои 13 пратеници. Сега, по расколот во нејзините редови, таа има освоено 4,01 отсто од гласовите што ѝ носи 10 пратеници. Бидејќи има да се пребројат уште неколку избирачки места, таа може да падне под неопходниот праг од 4 отсто и да не влезе во парлементот. Тогаш распоредот на мандатите ќе се промени.

Новата партија МЕЧ, која се залага за авторитаризам во Бугарија, освои 4,6 отсто од гласовите и ќе има 12 пратеници. Овие две партии заедно имаат 22 пратеници. Забележливо е што националистичките гласови од избори до избори во Бугарија се прелеваат од една во друга политичка формација. И тоа главно новоформирани.