На Ѓорѓиевски треба да му веруваме на збор: Казниле загадувачи – не кажа ниту кого, ниту колку казниле


Фото: Б. Грданоски

Нема толеранција за никого – изречени се казни на загадувачите во Скопје, соопшти денеска Град Скопје, затоа што изминативе денови Скопје се соочи со сериозно загадување на воздухот, како што велат.

„Според податоците од државниот мониторинг, беше пробиен дозволениот праг и состојбата бараше итна и решителна реакција. Како градоначалник на Скопје, но пред сè како човек кој заедно со своето семејство го дише истиот воздух како и сите вас, немав право да молчам и да не постапам. Во изминатите два дена беа спроведени силни и координирани инспекциски надзори на терен. Инспекторатот за животна средина изрече казни кон правни лица – загадувачи и јасно покажа дека законот важи за сите“, уверува градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, и вели дека ова нема да застане тука.

Но, во соопштението ниту има број на загадувачи кои се казнети, ниту која фирма, ниту колкава глоба е изречена или пак каква евентуално друга мерка е преземена против загадувачите.

„Секој што го загрозува здравјето на граѓаните ќе биде санкциониран, без грам толеранција!
За здравјето нема компромис. Ниту за мене, ниту за вас, ниту за нашите деца“, додава Ѓорѓиевски.

Паралелно со репресивните мерки, Градот Скопје излезе и со низа препораки и мерки за заштита од загадениот воздух, кои се јавно објавени и достапни за сите граѓани:
https://skopje.gov.mk/…/19-12-25-soopstenie_preporaki…/
Овие препораки веќе се применуваат и се важен дел од заедничката борба за почист воздух.

Сепак, градоначалникот не пропушти да се заблагодари на Владата, па вели: „Воедно, сакам јавно да ја поздравам силната и континуирана заложба на Владата на Република Македонија за чекорите што за само година и пол, заедно со локалната власт, се преземени во насока на почист воздух.
Тука спаѓаат Стратегијата за почист воздух 2024–2030, субвенциите за инвертер клими, поставувањето прочистувачи на воздух во градинките во Скопје, масовното пошумување низ државата, гасификацијата, изградбата на две когенеративни централи на влезовите во Скопје, како и новите паркови со клупи со вградени прочистувачи на воздух и многу други мерки“.

И овде изостануваат бројки, со оглед на тоа тоа што ова се проекти што допрва треба да се имплементираат, барем да се направеше пресметка, колку се очекува да придонесат за прочистувањето на воздухот. 

„Борбата за почист воздух е заедничка и затоа апелирам до сите граѓани на Скопје да се придржуваат и да ги почитуваат препораките и мерките“, додава Ѓорѓиевски.

Исто така, ги повикува скопјани да пријават потенцијални загадувачи на следниот меил: [email protected] (Б.Б.)