На едногодишнината од пожарот во „Пулс“, в сабота, меѓународна конференција со 37 странски доктори


Во пресрет на едногодишнината од трагедијата во дискотеката во Кочани, в сабота на 14 март ќе се одржи Меѓународната конференција „Институционални и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани една година потоа“, на која ќе присуствуваат претставници на институциите, здравствени експерти, меѓународни организации и хуманитарни партнери.

Конференцијата, на која ќе има лекари и медицикски персонал од 37 земји кои излегоа во пресрет за лекување на настраданите во пожарот, има за цел да се направи една сеопфатна анализа на одговорот на трагедијата од првична интервенција и спасување животи, до долгорочниот третман, рехабилитацијата и системските решенија за иднината. 

– Од првиот ден беше преземена обврска дека државата ќе стои зад процесот на лекување, рехабилитација и закрепнување, но и дека трагедијата ќе биде претворена во поттик за подобрување на институционалните капацитети и подготвеноста на системот. Тоа ветување денес се реализира преку конкретни мерки, соработка со домашни и меѓународни партнери и постојано унапредување на здравствените и кризно менаџерски механизми. За Владата една година подоцна целта не е само сеќавање. Целта е да покажеме одговорност и создавање на систем кој ќе биде уште посилен, поорганизиран и подготвен да одговори на кризни ситуации. Една година по трагедијата Владата останува доследна на ветувањето дека поддршката за жртвите, повредените и нивните семејства, но и за здравствениот систем нема да биде еднократна, туку континуирана и системска, рече на денешната прес-конференција портпаролката на Владата Марија Митева. 

Како што истакна, денот кога се случи трагедијата во дискотеката во Кочани, бил ден кога времето застанало за многу семејства, но истовремено и момент кој ја покажал силата на солидарноста.

-Во најтешките часови се мобилизираа здравствените работници, институциите, службите, локалната заедница. Државата реагираше, а и нашите партнери покажаа дека солидарноста не е само принцип, туку конкретна поддршка кога е напотребно. Во тие најтешки часови, благодарение на координираниот одговор од страна на државата и поддршката од европските и регионалните здравствени системи, беа спасени човечки животи и беше овозможен третман за најтешко повредените, рече Митева.

Според неа, посебна вредноста на оваа конференција е и присуството на триесет и седумте лекари и медицински експерти од странство кои, како што рече, во најтешките денови по трагедијата во Кочани директно учествувале во лекувањето на пациентите.

-На покана од наша страна како држава во Скопје ќе пристигнат доктори од клиники и здравствени центри од повеќе европски земји, токму оние институции кои ги отворија своите врати кога и беше најпотребно на Македонија. Нашето присуство на оваа конференција претставува можност искуствата од заедничката работа да се претворат во знаење, протоколи, но и системски решенија кои ќе придонесат за подобра подготвеност на здравствените системи во иднина, рече владината портпаролка.

Додаде дека настанот ќе започне со свечено институционално отварање, по кое ќе следи и комеморативен момент како потсетник „дека зад секоја трагедија стојат човечки приказни“. Во рамки на конференцијата ќе се одржат и повеќе тематски панели посветени на повеќе аспекти.

– Ќе зборуваме за европскиот механизам за цивилна заштита и меѓународниот одговор, координација, солидарност и искуства. На овој панел ќе се дискутира за активирањето на европски механизми за помош, меѓународниот медицински одговор и трансферот на пациентите, како и за координацијата помеѓу државата, институциите и здравствените системи. Посебен фокус ќе биде ставен на логистички, правни, но и организациони аспекти на ваквите операции, се разбира и на научените лекции, појасни Митева.

Конференцијата ќе се фокусира на национален и меѓународен здравствен одговор и акутен третман на изгорениците.

-Овој панел ќе се фокусира на медицинскиот аспект на кризата од првичната тријажа и итниот медицински одговор до комплетниот третман на тешки изгореници ќе се разгледуваат хируршките и пулмолошките аспекти на третманот, како и координацијата меѓу различните клиники и здравствени установи во земјата, но и во регионот. Третиот панел ќе биде посветен на долгорочниот процес на закрепнување на пациентите. Ќе се зборува за мултидисциплинарната соработка во третманот, рехабилитацијата, физикалната медицина и функционалното враќање на пациентите, се разбира и за психолошката, но и психијатриската поддршка, рече Митева.

Особено внимание, како што нагалси, ќе биде посветено на долгорочното следење и подобрување на квалитетот на живот на преживеаните.

-Ќе зборуваме како од искуство се стигнува до нови решенија, за улогата на заедницата и институциите, но и за научените лекции. Ќе се дискутира за болничките капацитети во услови на криза, европските стандарди, како и за улогата на хуманитарните организации и се разбира, несебичната поддршка од страна на заедницата, појасни таа.

На завршната сесија, пак, ќе бидат презентирани идните решенија и системски чекори кои ги преземаат институциите.

Триесет и седумте лекари и медицински персонал кои ќе бидат присутни на конференцијата се од земјите од регионот, како  Србија, Бугарија, Грција, Хрватска, Словенија. Според Митева, а ќе има претставници и од Австрија, од Латвија, Полска, Шведска, Литванија.