На Дончиќ му направија голема чест во ЛА: Се појави на мурал покрај Коби Брајант


Лука Дончиќ неодамна се пресели од Далас Маверикс во Лос Анџелес Лејкерс во сензационален трејд.
Дончиќ одигра само два натпревари за Лејкерси, влегувајќи со полесна повреда, но брзо доби посвета во својот нов град.

Огромен мурал е откриен на улиците на Лос Анџелес, на кој се гледа како 26-годишниот Словенец се ракува со Коби Брајант, непрежалената легенда на Лејкерс. Таа фотографија е направена кога Дончиќ пристигна во НБА, на еден од натпреварите на Маверикс и Лејкерс. Сега е претворен во голем графит, кој Дончиќ го сподели на својот Инстаграм.

Коби Брајант целата своја кариера ја помина во Лејкерси со кои освои пет шампионски титули. Тој загина пред пет години во хеликоптерска несреќа во близина на Лос Анџелес.