На дното на Балтикот пронајдени 100 шишиња шампањ стари 170 години
Полски нуркачи објавија дека минатата недела откриле остатоци од брод од 19 век кај шведскиот брег на Балтичкото Море, каде што има шампањ и порцелан.
„Потонатиот брод е натоварен со сандаци со шампањ, минерална вода и порцелан“, изјави за АФП Томаш Стачура, шеф на нуркачката група „Балтиктек“.
Според него, меѓу пронајдените предмети има и околу сто шишиња шампањ.
„Нуркам 40 години, често се случува да има еден или два сандаци… (но) да наидам на руина со таков товар, тоа никогаш не ми се случило“, коментира Стачура.
Откритието, на околу 20 наутички милји јужно од шведскиот остров Оланд, беше во голема мера случајност, според нуркачите кои со години го чешлаат дното на Балтичкото Море за да бараат остатоци.
„Истражувавме нови места од чиста љубопитност“
„Истражувавме нови места од чиста љубопитност и тогаш наидовме на оваа руина“, рече Стачура.
Откривањето на минерална вода во затворени глинени шишиња овозможило да се утврди дека бродот потонал во втората половина на 19 век.
„Успеавме да го фотографираме печатот на шишето, кое се покажа дека припаѓа на германскиот бренд Селтерс – и овие печати во тоа време имаа специфична форма“, објасни Стачура.
Шампањот нема да се вади наскоро
Нуркачите ги информирале шведските регионални власти за нивното откритие.
Тие исто така нагласија дека шампањот нема да биде изваден во скоро време поради административни ограничувања.
„Лежеше 170 години, па да го пуштиме уште една година, ќе имаме повеќе време правилно да се подготвиме за оваа операција“, заклучи Стачура.