На црногорскиот премиер не му се оди на Генералното собрание на ОН


 

Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ повторно го критикуваше премиерот Милојко Спајиќ, овојпат поради одбивањето да ја предводи државната делегација на претстојната седница на Генералното собрание на ОН, што, како што рече, го смета за неодговорно и непримерно.

„Генералното собрание на ОН е најважниот и најпосетуваниот мултилатерален настан“, вели Милатовиќ и додава дека затоа е од „особено значење за меѓународната видливост, особено за малите земји како Црна Гора“. 

„Оваа година беше планирано нашата делегација да ја предводи премиерот,кој откажа во последен момент, со што уште еднаш го покажа својот неодговорен однос кон државните интереси. За жал, премиерот не го информираше претседателот за неговата намера да не биде шеф на делегацијата, иако патувањето во ОН е планирано најмалку половина година однапред поради големиот број обврски и важноста на настанот. И во овој случај се работи за обид за нарушување на црногорските институции и добри практики“, рече Милатовиќ.

Како што пренесе неговиот Кабинет, тој додава дека „несериозно и неодговорно е да се повикува на работата во земјата, бидејќи може да се заклучи дека шефовите на другите држави во светот, вклучително и американскиот претседател и германската канцеларка, немаат што да работат во своите земји, па одат на Генералното собрание на ОН“.

Според него, Црна Гора преку однесувањето на Владата пред сите членки на ОН се претставува како несериозна земја членка, која директно ги загрозува надворешнополитичките интереси и го уништува угледот на Црна Гора.

„Да не зборуваме за тоа дека Владата за една година не можеше да го предложи амбасадорот на Црна Гора во ОН во Њујорк. Поради сето тоа, сметам дека џентлменскиот договор што постоеше меѓу Претседателот на државата и Владата е злоупотребен на начин што врвот на Владата работи директно против интересите на државата што ја претставува“, нагласи Милатовиќ во соопштението.