На Бугарите им преседна мачо патриотизмот


Кошаркарскиот тренер Константин  Папазов во март годинава со недозволив цинизам раскажуваше како на 29-годишна возраст со сила ја исекол косата на својата 16-годишна поранешна девојка, бидејќи имала интимни односи со неговиот најдобар пријател откако тие веќе биле разделени. Раскажана на телевизија, приказната предизвика смеа кај водителката, кај публиката и минимални реакции кај корисниците на социјалните мрежи, каде е објавено видеото. Четири месеци подоцна, кога 18-годишна девојка во Стара Загора беше насилно истрижена и расечена со мал нож, тоа предизвика бес, како одраз на ненадејниот бунт во Бугарија против насилството, против мачизмот и нивната неочекувана поврзаност со патриотизмот.

– Нешто се случи во бугарското општество, некаква промена, Наеднаш насилството влезе во центарот на медиумското внимание. Темата стана централно прашање, би рекол – конечно! Бидејќи токму оваа приказна, надворешните белези на садизмот во неа како во хорор филм , предизвикаа  будење на јавната свест. И како резултат на тоа, луѓето масовно излегоа на улиците во Бугарија – нешто што досега не го направиле, дури и по масовни убиства, оцени професор Георги Лозанов за бугарски „Дневник“. 

Според него, насилството врз девојката од Стара Загора бил само кибритот што го запалил фитиљот, бидејќи нетолеранцијата кон насилството воопшто се акумулира во општеството подолго време  и на многу нивоа. Особено што садистот, за кој се претпоставува дека го извршил насилството, е пуштен дома – знак што јавноста го прочита како слика за апсолутната неефикасност на правдата во Бугарија и неподготвеност на судовите да казнуваат. 

Насилството во Бугарија, според Лозанов, има многу манифестации, но во последните две-три години тоа почнало да станува и политичка алатка.

-Веќе има партија во Бугарија која користи насилство за политички цели, иако засега како вербална злоупотреба, користејќи го говорот на омраза како најприродна форма на комуникација. Оваа политичка партија се заканува дека, кога ќе дојде на власт, ќе врши насилство, ќе праќа луѓе во Белене, ќе ги казнува „предавниците“. Тоа е партијата „Преродба“ која не само што го оправдува туку и го поддржува насилството на Владимир Путин во Украина. Граѓаните протестираа и затоа што насилството не само што политички не се одвраќа, туку напротив – веќе има политички сили кои го користат во својата реторика и однесување. Целокупната политичка активност на „Преродба“ може да се подведе под ознаката „поттикнување насилство“. Протестите се токму против тоа, тие се политички против политичката неказнивост на агресивноста, па дури и нејзината поддршка, вели професорот.

По владеењето на Бојко Борисов со ГЕРБ, физичкото насилство го замени идеолошкото. Генерално, комбинацијата на насилството со сексот е поврзана со одреден тип, кој осомничениот во страшниот случај во Стара Загора јасно го прикажа.

-Тоа е мачо патриотот. Во Бугарија патриотизмот не може да не биде мачизам. Се изгради таква слика за патриот – во однос на понежниот пол  да се биде агресивен, груб, па дури и да се тепа сопругата, бидејќи тоа се смета за некаков вид на патриотизам. Поради оваа причина, на пример, ниту еден националистички патриот во Бугарија не може да биде геј. Ако е геј, очигледно не е патриот. Според овој став, хомосексуалците немаат право да ја сакаат својата земја, но патриотите – имаат право да ги тепаат своите сопруги, вели Лозанов.

Што се случи во Стара Загора што ја крена на нозе Бугарија?  Младата девојка била примена на ургентното одделение со 21 рана, скршен нос, траги од удари, расекотини од од 1 до 26 см и избричен дел од главата. Неколку часа подоцна бил приведен и 26-годишен чувар во дискотека во градот, со кој жртвата била во врска. Истрагата ќе започне и ќе продолжи со еден мотив – напад од љубомора. Против него дополнително било покренато второ обвинение откако низ судските инстанци, како што се верува во јавноста, со користење врски со влијателни луѓе, садистот бил пуштен на слобода.