На аеродромот во Хелсинки кучиња откриваат Ковид-19


Медицински лица чекаат патници на аеродромот во Хелсинки (Фото: Ројтерс)

Финска – Финска распореди дресирани кучиња на аеродромот во Хелсинки кои откриваат патници заразени со новиот коронавирус.

Четири кучиња од различни раси, обучени од финското Здружени за откривање на мириси, од средата почнаа со „работа“ на аеродромот во Хелсинки. Четири месечното истражување на алтернативни методи за тестирање на Ковид-19 е проект финансиран од финската Влада.

Финска се одлучи на такво тестирање откако во студија на Ветеринарниот факултет на Универзитетот во Хелсинки навести дека дресирани кучиња можат да го откријат новиот коронавирус со сто проценти сигурност.

Патниците кои се согласија бесплатно да се тестираат на аердромот во Хелсинки не мораа да имаат директен физички контакт со кучето. Тие требаа само да се избришат со марамче и да го стават во тегла, а потоа кучето го мириса во одвоена кабина.

Финска е втора земја во светот која обучи кучиња за детектирање на Ковид-19. Такво тестирање летово беше спроведено во главниот град на Обединети Арапски Емирати.